Како да се борите со големите (3)?!

27

kolicka-2

Фото: Pexels

(Овој текст беше објавен во магазинот In-Store, како дел од циклусот текстови кои се наменети за малите / маалски продавнички. Целта на овие текстови е да им помогне на маалските продавнички како да се справат со големите гиганти. Голем дел од предложените активности може слободно да се употребат и за било кој друг бизнис. Овој текст се однесува на значењето и важноста на истражувањето).

Во претходниот текст повеќе се посветивме на важноста и значењето на имање правилна стратегија на работење. За жал, од малото истражување на терен, посетувајќи и разговарајќи со неколку сопственици на продавници, согледав дека никој немаше некоја издржана стратегија или специфичен концепт на работење. Затоа се потрудив да ви дадам неколку аспекти кои треба да ги следните или ревидирате и кои се најважни за одржување на вашиот бизнис. Т.е., преку тие неколу точки вие може да направите ваша Моќна Микро Стратегија.

Во следните 2 недели земете еден лист и само забележувајте колку купувачи доаѓаат кај вас, дневно. Ако ги поделите и по старосна (млади / средновечни / постари) и полова структура, уште подобро.

Со цел да направите добра стратегија, видовме дека е најважно прво да почнете со анализа на моменталната состојба, на вашето работење. Анализа на пазарот, конкуренцијата, купувачите, приходи-расходи, профит, локација, изглед на продавница, маркетинг и продажни активности, добавувачи и сè она што го сочинува вашиот бизнис.

Познавање на вкупната бројка на клиенти и поделба на „постојани“ и „минувачи“ е од огромно значење за бизнисот. Вашиот бизнис се одржува поради вашите постојани купувачи. Тие ве одржуваат во живот и ви ги плаќаат сметките дома. Додека пак оние што само еднаш застануваат или многу ретко, ни го прават дополнителниот приход и од нив зависи дали ние ќе заработиме повеќе или помалку. Ова се однесува за оние маалски продавници што се во близина на нашето живеалиште. Додека пак оние што се на локација каде што циркулацијата на различни минувачи е огромна, т.е на јавни места (автобуски станици, плоштади, прометни улици итн) не важи ова правило. Кај нив бизнисот зависи од минувачите и колку ќе успеат да ги примамат да влезат во дуќанот (атрактивен изгледи и промотивен материјал) и колку повеќе производи ќе успеат да им продадат на истите купувачи (во продажната теорија ова се вика „врзана и вкрстена продажба“, која ќе ја разработиме во следните текстови кога ќе зборуваме за тактики за зголемување на продажбата).

Откако ја анализиравме локацијата, следно најважно за вас е познавање на вашиот купувач. Ако подобро го запознаете него, неговите потреби, желби и интересни, многу полесно ќе најдете начин како да ги задоволите и задржите како клиенти. Најдобар начин е да направите истражување преку прашалници.

Истражувањето е моќна алатка за водење на секој бизнис. Тоа треба да се прави во континуитет. Најголем проблем е што малите бизниси мислат дека е скапо и дека тоа го прават само големите. Меѓутоа тоа е заблуда. Истражување може и треба да прават сите. Најлошо е тоа што нашето истражување го сведуваме на нашите најблиски, пријатели и комшии и многу често добиваме погрешни информации и донесуваме погрешни заклучоци. Треба малку да се едуцирате околу значењето и начини на истражување и да направите ваш систем кој ќе го имплементирате. Ако не направите ништо, тогаш и можноста за слабеење на вашиот бизнис е поголема (а овој текст и ви дава некои насоки како да си го олесните процесот).

Преку истражувањето, покрај тоа што ги запознаваме нашите купувачи, го запознаваме пазарот, својата индустрија, го запознаваме нашето опкружување и бизнис можности. Но, највеќе, се запознаваме себе си.

На почеток, ова се најважните и основни фактори кои ви ја дефинираат успешноста на вашиот бизнис. Дајте си за задача и цел, до следниот текст, да ги соберете сите информации со овие алатки што ги добивте. Само со имплементирање на научените работи и техники може да се бориме со се посилната конкуренција, и да си го задржиме бизнисот.

Со успех во имплементацијата.