Шифрирање и анонимност – водечки алатки за онлајн безбедност?

41

cyber

Фото: Pixabay

Шифрирањето и анонимноста им овозможуваат на луѓето да ја заштитат нивната приватност, да пребаруваат, читаат, развиваат и споделуваат мислења и информации без пречки. Шифрирањето и анонимноста помагаат на новинарите, граѓанското општество, припадниците на етнички и религиозни групи, оние што се вознемирувани поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет, активисти, уметници, истражувачи и други да ги уживаат нивните права на слобода на мислење и изразување.

Вака започнува најновиот извештај на David Kaye, Специјалниот известувач за промовирање и заштита на слобода на мислење и изразување на Советот за човекови права при Обединетите нации. Презентирајќи го извештајот на овогодишната јунска сесија на Советот, Kaye изнесе три забелешки.

Првата се однесува на значењето на шифрирањето и анонимноста во дигиталната комуникација. Kaye потенцира дека живееме во време каде постои масовно следење на онлајн комуникација, дигитални напади на поединци и на граѓанското општество, вклучувајќи апсења, физички напади, па дури и убиства. Чести практики се масовни блокирања и филтрирање на Интернет, со што се одзема правото на поединци на пристап до информации. Токму поради тоа што голем дел од нашата комуникација се одвива во дигиталниот простор, Kaye повика на шифрирањето и анонимноста да се гледа како на значајни столбови на слободата на изразување во дигиталната ера.

Неговото долгогодишно искуство му покажало колку шифрирањето и анонимноста се корисни за поединци како новинари, активисти, уметници и академци и на многу други луѓе кои што со текот на времето ќе го сфатат нивното значење.

И на крај Кaye забележа дека владите не треба да бидат ставени во подредена положба во однос на борбата против тероризмот и други безбедносни закани. Сепак ова тврдење го балансираше со аргументот дека: “Законите, праксата и политиките што ги забрануваат, ограничуваат, или пак на друг начин го ослабуваат шифрирањето и анонимноста – а во името на јавниот ред или борба против тероризмот – прават значителена и … непроценлива штета на правата што се под неговиот мандат.”

Вреди да се посочи дека извештајот накратко ја анализира улогата на компаниите во однос на безбедноста на комуникацијата преку Интернет.

Корпорациите во разни сектори имаат улога во унапредување или загрозување на приватноста, мислењето и изразувањето, вклучувајќи и на шифрирањето и анонимноста. Голем дел од онлајн комуникацијата (а во некои земји и целата) се одвива преку мрежи што се во сопственост и се оперирани од приватни корпорации. Така едни корпорации поседуваат и менаџираат веб страници каде значителен дел од содржината е генерирана од корисниците. Други се активни играчи во надгледувањето и spyware пазари, доставувајќи хардвери и софтвери со што се компромитира безбедноста на онлајн комуникацијата на поединци. Телекомуникациите, обезбедувачите на Интернет, пребарувачите, обработката во облак (cloud computing) и многу други ентитети, често именувани како посредници, промовираат, регулираат или ја компромитираат приватноста и онлајн изразувањето. Посредиците може да зачувуваат огромен волумен на податоци, за кои што државите често бараат пристап.

Иако надвор од неговиот мандат, Специјалниот известувач наведе дека: “обврската да се почитуваат човековите права се простира низ целиот ланец на операции на компанијата без разлика каде е лоцирана и постои независно од тоа дали матичната држава ги исполнува своите обврски во однос на човековите права.” Водечките принципи за бизнис и човекови права бараат од корпорациите да се посветат на заштита на човековите права, превземаат due diligence за да се осигураат дека нивната работа позитивно влијание врз човековите права и да ги отстранат негативните практики. Имајќи ја во предвид релевантноста на новите комуникациски технологии во промовирањето на човековите права, од компаниите се бара ги поддржат шифрирањето и анонимноста без дискриминација во онлајн комуникацијата. Во тој дух компаниите треба да се воздржат од блокирање или ограничување на пренос на кодирана комуникација и да дозволат анонимно општење. Од корпоративните актери што нудат технологија што ги ослабува шифрирањето и анонимноста се бара транспарентност во однос на начинот на нудење на нивните сервиси.

Овој извештај како и дебатата што Kaye ја отвори е во голема мера спротивен на пораката што ја праќа Европскиот суд за човекови права во случајот Delfi AS v. Estonia, за што пишувавме во претходниот текст. Интересно е да се забележи дека два органи за човекови права имаат во основа различни ставови за шифрирањето и анонимноста во онлајн комуникацијата. Додека Kaye повикува компаниите што менаџираат веб страници на комерцијална основа целосно да ја поддржуваат анонимноста и шифрирањето на комуникацијата и податоците на своите корисници, Судот има поконзервативен пристап барајќи од ваквите корпорации во случај на ширење на говор на омраза и поттикнување на насилство да ги откријат податоците на корисниците, со цел да се заштитат правата на трети страни.

Во контекст на овие две различни авторитативни мислења во доменот на меѓународното право по човекови права, легитимно е прашањето: како треба да постапуваат компаниите кои овозможуваат онлајн комуникација на поединци? Би рекле не постои еден и единствен одговор, бидејќи секоја компанија е посебен ентитет. Но она што е јасно е дека како минимум од секоја компанија се бара да ги применува Водечките принципи за бизнис и човекови права, во рамки на кои ќе промовира анонимност и шифрирање на комуникација на поединци. Сепак тие треба да се отстранат во случај на комуникации со кои се шири говорот на омраза и се поттикнува насилство кон трети лица.

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje