Со добивањето сертификат за трговска маркичка од Агенцијата за брендирање прехранбени артикли, дебарските сточари официјално го брендираа нивното бело овчо сирење, пишува Миа.
“Конечно добивме сертификат со кој, официјално, нашето сирење кое го произведуваме на традиционален начин стана бренд и ќе го носи името Дебарско бело овчо сирење. Под ова име од сега натаму ќе го пласираме сирењето произведено од сточарите од двете наши општини“, изјави Скендер Аме, претседател на Здружението на сточари од општините Дебар и Центар Жупа – Даши (Овен).
Во дебарскиот регион, кој има богати пасишта со околу 40.000 грла ситен добиток, годишно се произведуваат над 350 тони сирење, познато по својот квалитет.
“Споредено со претходните две години, бројот на грлата е зголемен за над 10%. Со ова, како и со добиениот бренд, очекуваме зголемување не само на бројот овци, туку и на бројот на сточарите“, рече претседателот на Здружението.