Јапонски инженер заедно со неговиот тим од Cocoa Motors дизајнираше преносен транспортер доволно мал да се носи во ранец.
WalkCar потсетува на скејтборд и е направен од алуминиум, а тежи помеѓу два и три килограми во зависност од тоа дали се работи за внатрешен или надворешен модел.
Оваа направа е многу посилна отколку што изгледа и може да издржи тежина до 120 килограми. Достигнува брзина од 10 километри на час, а може да помине 12 километри со три часовно полнење на батериите.
Според 26-годишниот дизајнер Кунјако Саито, WalkCar е многу лесен за користење и почнува да се движи штом ќе застанете на него, а престанува кога ќе се симнете.
За да се смени насока доволно е корисникот да ја пренасочи својата тежина на транспортерот.
Најдобро од сè е што нема потреба да се грижите дали ќе најдете паркинг. WalkCar можете да го понесете со себе во вашиот ранец или торба.
Футуристичкиот скејтборд ќе чини околу 800 долари, а нарачките ќе почнат да се испорачуваат од следната пролет.