
Американскиот милијардер Тод Боули изјави дека потпишал договор со руската нафтена компанија Лукоил, според кој конзорциум од инвеститори, со учество на американската државна Меѓународна корпорација за развој и финансирање (DFC), ќе ги преземе меѓународните енергетски средства на санкционираната руска компанија.
Трансакцијата вредна околу 10 милијарди долари во хартии од вредност, која доаѓа по повеќе од една година преговори, вклучува размена на замрзнати акции на Лукоил купени од американски и британски фондови за реални енергетски средства на оваа компанија надвор од Русија, чија вредност се проценува на околу 16 милијарди долари, пренесува Ројтерс.
Меѓународното портфолио на Лукоил вклучува операции во околу 40 земји, вклучувајќи нафтени полиња во Азербејџан, Казахстан и девет други земји со дневно производство од околу 350.000 барели нафта, рафинерии во Холандија, Бугарија и Романија, како и широка мрежа на бензински пумпи, вклучувајќи ги и оние во Соединетите Американски Држави.












