Субрата Рој: Комплексот во Охрид ќе биде меѓу најдобрите десет во светот

119

sahara-ohrid-1-1531-600x375Субрата Рој, индискиот бизнисмен кој од вчера престојува во државава, денес во Охрид изјави дека туристичкиот комплекс кој е предвидено да никне на крајбрежјето на Охридско Езеро ќе биде меѓу најдобрите десет во светот.

“Целиот проект пред се е инициран од аспект на бизнис. Нашите заложби не се тоа да биде некој просечен туристички комплекс, туку една дестинација меѓу најдобрите пет до десет од таа област од целиот свет”, рече милијардерот.

Рој посочи дека се што неговата компанија прави е големо и така ќе биде и со овој амбициозен проект од кој ќе имаат полза и Република Македонија и Сахарија Груп.

Бизнисменот повторно наведе дека дел од причините поради кои решил да инвестира во Македонија се прекрасната клима и луѓето што живеат тука.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека веќе е формиран координативен тим од триесетина експерти, како на надлежните институции во Македонија така и на Сахара групацијата, за да се уредат сите правни, економски, еколошки прашања со цел да се забрза реализацијата на проектот.

Ангажирaни се и сите државни институции од областа на заштитата на животната средина со цел проектот да биде еколошки прифатлив како од аспект на заштитата на животната средина, така и од аспект на заштитата на Охридското езеро, како богатство заштитено од УНЕСКО.