Колку домашното воспитување е важно за успешен менаџер?

112

stolce

Фото: Pexels

Домашното воспитување, влијанието од поблиската и пошироката средина уште во раните детски години е од огромно значење за формирање на карактерот на секоја личност. Уште од мали нозе се создаваат навики, коишто потоа се развиваат и длабоко проникнуваат во карактерот на секој човек, без оглед на неговата професионална ориентација.

Одговорност, флексибилност, желба за учење, посветеност на работата, темелно извршување на поставените задачи… се само дел од навиките што треба да ги има еден професионалец за да биде успешен во тоа што го работи.

Културното и одмерено однесување, почитување на колегите, соработниците и бизнис партнерите, градење на релации во согласност со етичките вредносни норми се само дел од препознатливите нишки што водат кон градење на успешен професионалец.

Менаџерот во свои раце ја чува судбината на компанијата со која што управува, па оттаму произлегува неговата одговорност не само кон претпоставените, колегите и клиентите, туку и кон општеството во целина. Мало невнимание, еден погрешен чекор и несоодветна одлука може да  фрли црна дамка врз работата и трудот на менаџерот. Затоа, вредносните и моралните норми се стабилна основа за правилниот систем којшто ќе го заснова менаџерот во неговата организација.

Вештините кои ги стекнува менаџерот со текот на искуството го прават да биде поефикасен, подобар и поуспешен. Но, за да може да ги изгради овие елементи потребно е да има изградено систем на вредности којшто ќе го води и секогаш ќе го насочува кон вистинскиот пат, правилните одлуки и загарантираниот успех.

Правилното воспитување води кон силна емоционална интелигенција. Во рамки на организацијата тоа значи дека менаџерот им дава личен печат на настаните и работните односи во компанијата. Во таква состојба, менаџерот изнаоѓа непосреден начин да им помогне на вработените во полесно надминување на предизвиците, точно ја утврдува визијата на компанијата во иднина, на вработените им го нуди неопходното чувство на сигурност, влијае на подобрување на комуникацијата меѓу вработените, помага во решавање на проблематични и конфликтни ситуации…

Добро изградениот карактер на менаџерот овозможува со голема леснотија да ги пренесе уверувањата, вредностите и премисите на своите вработени во духот на мотивацијата и на крајот кон зголемување на економските резултати.

Емоционално интелигентниот и добро воспитан менаџер постигнува успех, благодарение на релациите што ги воспоставува со членовите на тимот, така што влијае на нивното расположение, мотивираност и посветеност. Синергијата што ќе ја обезбедат гарантира дека нивната организација со голема леснотија ќе ги надмине сите предизвици, пазарни притисоци, конкуренцијата и голем број надворешни и внатрешни фактори.

Личниот развој и професионалниот интегритет му даваат на добриот менаџер право да биде сигурен дека неговите визии и идеи лесно ќе се остварат бидејќи има способност за создавање нови и дополнителни вредности во своето портфолио.