Фото: Pixabay
Организацијата на работа, после долго отсуство, е работа која бара ваш одличен ангажман, но и способности за организација.
Во периодот после долго отсуство, потребно е да се организирате за тековните работи, но и да ги завршите или започнете работите поради кои сте биле отсутни. Работата е како да се организирате и што да направите откако нема да бидете на работа долго време:
Извештај – после секое отсуство од работа, направете извештај за тоа каде сте биле (ова се однесува за службено патување). Суштината околу извештај од работното патување е да се информираат сите, за тоа кои се резултатите од вашето отсуство, но и вие да имате знаење што ви се случило за време на тоа патување. Овој извештај ќе можете да го искористите некогаш за да се потсетите.
Состаноци – во текот на вашето отсуство, голем број состаноци се презакажани или одложени за периодот кога ќе се вратите. Имајќи предвид дека тука се и тековните состаноци, неделата после долго отсуство може да ви биде пребукирана само со состаноци. Потребно е тие да ги средите и приоретизирате. Најприоритетни би требало да ви бидат со најблиските соработници за да ве информираат за новостите што се случиле во периодот кога не сте биле на работното место.
Приоретизирање – потребно е да направите листа на приоритетни работи коишто треба да ги направите. Таа листа, во овој период, треба да биде помала од нормалната листа затоа што покрај приоритетни работи, тука се многу други кои ќе се појавуваат попатно. Имајте предвид и за приватните работи што треба да ги завршите. Сепак, додека сте биле на службен пат, не сте биле ниту дома, па така и дома имате некои приоритетни работи што треба да ги завршите или извршите.
Во комуникација – додека сте отсутни, гледајте да сте постојано (во границите на дозволеното и можностите) со она што се случува на работа, а ако ништо друго за работите кои вас директно, па после тоа и индиректно ве засегаат. Најдобро за тоа е да ги користите вечерните часови и медиумите кои ви се на располагање (е-пошта, социјални медиуми, итн.)
Планирање – доколку сте во можност и ви овозможуваат условите (на време планиран пат), гледајте претходно да делегирате она што можете и навреме да ги известите соработниците дека одреден период ќе бидете отсутни.
Бидете подготвени – за можни убави и неубави работи кои можеби се случиле во периодот кога ве немало. Можно е да се случат промени додека ве немало, посебно ако сте долго време надвор од канцеларија. Не велам дека треба да ги прифатите, туку бидете подготвени дека можеби нешто се има случено.
Фокус – нешто што ќе ви биде потребно во овој период е фокус на работите што ги правите. Со вашата фокусираност на работите кои ги правите, многу побрзо ќе успеете една по една работа да ја завршувате и да ја намалувате листата на работи што ве чекаат.
Забава – имајте време и за ова. Кога мислам на забава, не мислам на забава во ноќни часови, туку периодот после долго отсуство, немојте да го сфаќате како нешто стресно. Имајте време и за неформални дружења со вашите колеги и за неформални разговори.
Како што можете да видите, враќањето на работа после долго отсуство знае да биде трауматично, но најмногу ќе зависи од вас дали навистина ќе биде трауматично или ќе помине лесно за вас, но и за луѓето околу вас.
Со успех во промените.