Македонската конзервна индустрија годинава бележи рекордно производство, со квалитетни производи, но треба да ја подобри технолошката опременост, пишува Миа.
Следењето на технолошкиот развој ќе ги намали трошоците и ќе ја зголеми профитабилноста на фабриките. Новини во технологијата за преработка и пакување овошје и зеленчук пред домашни компании денеска презентираа италијански фирми, во организација на Агенцијата за промоција на надворешната трговија при Амбасадата на Италија – ИЧЕ Скопје.
За можностите за соработка се разговара и поединечни средби, а претставници на италијанските компании ќе посетат македонски преработувачки капацитети.
“Во Македонија има сè поразвиена индустрија со производи со одличен квалитет, а во Италија има развиена технологија за таа индустрија и сметаме дека е дојден моментот во Македонија да се работи на подобрување на технолошките услови во кои можат се подобро да работат македонските фирми. Сметаме дека оваа индустрија е многу важна бидејќи учествува со 3% од БДП на Македонија“, изјави Чинциа Бруно, директор на ИЧЕ во Скопје и во Софија.
Според италијанскиот амбасадор во Скопје Масимо Белели, Италија е традиционално добар партнер на Македонија во сите сектори, а особено во земјоделскиот во кој има можности за уште поголема соработка.
Сашо Ристески, директор на Здружението на производители од преработувачката индустрија, истакна дека тоа што Македонија е корисник на средства од ИПАРД програмата дава дополнителен стимул за можност за набавка на опрема за преработка, вклучително и опрема која потекнува од Италија.
Во Македонија има над 40 активни капацитети за преработка на овошје и зеленчук. Над 80% од преработката на домашното овошје и зеленчук е за извоз. Главен пазар со над 50% е Европската унија, каде е најголем германскиот. Втор пазар за пласман е Србија, како и останатите држави од регионот, а одредени количини се пласираат и во прекуокеанските држави, Австралија, Канада, САД.