Фото: Pixabay
Здравјето е состојба на целосна физичка, ментална и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест или психичка слабост.
Дефиниција за здравје според
Светска здравствена организација
Резултатите од спроведеното истражување преку минатонеделниот совет се:
- 74% одговорија со НЕ, односно дека нема здрав човек (тука е и одговорот од тимот на Македонија-Експорт),
- 26% одговорија со ДА, односно дека има здрав човек
Кога го поставивме прашањето, сепак мислевме на луѓе низ светот кои секојдневено ги извршуваат работите од нормалниот живот, а не во изолирани услови како монаси, факири, јога и друго.
Како и да е, што ќе правиме луѓе?!
За овие теми (физичка, ментална и социјална благосостојба) не знаеме колку пати е пишувано, зборувано, кажувано, разговарано и расправано со други, пробувано и пак сме сите или бар повеќето, „нездрави“. Ако одиме на нет и побараме информации за тоа како да си го подобриме нашето здравје, од секој аспект ќе најдеме безброј текстови, студии, анализи, истражувања и заклучоци. И пак малку се грижиме за себе и за своето здравје!
Се собравме целот тим и дискутиравме за тоа што може подобро да напишеме од тоа што веќе го знаете или може да го прочитате каде било. Затоа, решивме да сумираме и да ви дадеме само по 3 едноставни, практични и многу корисни совети за секоја од благосостојбите што се наведени во дефиницијата за здравје според СЗО, а кои веруваме дека барем малку ќе ја подобрат вашата благосостојба (ние се трудиме колку можеме, секој ден да имплементираме некоја од овие препораки):
- Физичката активност (дефинирана како секое движење на телото произведено од скелетот и од мускулите и кое резултира со трошење енергија. Физичката неактивност е алоцирана како четврти ризик-фактор и причинител за смртност во светот). Препораки:
- 3 мин. канцелариски вежби – ние се трудиме да ги правиме индивидуално колку пати можеме на ден. Погледенете го видеото со вежби на Македонија-Експорт тука, или најдете ги во Tip of the week#2 Прирачникот, на страна 88.
- 5-8 чаши вода на ден: сите во канцеларија имаме апликации што не потсетуваат на определено време да пиеме вода. После неколку месеци, користење на апликациите, веќе не ни се потребни потсетници. Предлог aпликација “Water your body”.
- Одење пеш – оставете го автомобилот подалеку од работното место или воопшто не го земајте. Наместо да користите лифт, одете по скалите. Секогаш кога одите пеш, практикувајте брзо одење. Многу е покорисно и од пешачење или од трчање.
- Ментална благосостојба (дефинирана како можност секоја индивидуа да ги реализира своите потенцијали, може да се справи со нормалните стресови во животот, може да работи продуктивно, а дополнително и да допринесува во својата заедница). Препораки:
- Смејте се повеќе: и така поминуваме многу време на интернет, најдете некоја веб-страница на која има вицеви, смешни видеа или сл., а што ќе ве тераат на смеење и посетувајте ја дневно. Дружете се со позитивни луѓе и луѓе кои ве смеат. Избегнувајте негативни луѓе. Не може да останете недопрени, ако сте опкружени со луѓе со негативни и со црни мисли.
- Сменете ја перспективата: СТРЕСОТ е ПЕРСПЕКТИВА на гледање на работите. Ако само ја промените перспективата, многу веројатно ќе ви се променат и стресните ситуации во животот. Пробајте!
- Природа: според истражувањата, шетањето или самото гледање на слики од природа, влијае стимулативно и релаксирачки на нас. Шетајте повеќе во природа!
- Социјална благосостојба се условите во кои една индивидуа е родена, расте, работи, живее и старее, како и поширокиот сет фактори и системи што нè опкружува (тука спаѓаат економските и политиките системи, развојни агенди, социјални норми и политики итн.). Препораки:
- 1 добра работа за 1 човек на ден: КАРМА. Ќе ви се врати со добро гарантирано!
- Позитивен егоизам: за ова може да прочитате повеќе во Прирачник TIP OF THE WEEK#1. Но, во суштина претставува состојба кога правите нешто за себе, но тоа се рефлектира позитивно и на другите (опкружувањето) – бојадисајте го вашиот ходник во влезот, исчистете го заедничкиот двор дома, на работа, изненадете го колегата и направете му кафе и нему наутро и др.
- Поздрав: почнете гласно и срдечно да ги поздравувате сите соседи и/или колеги на патот накај работа. Ние во фирмата се поздравуваме меѓусебно (со ракување и со гледање во очи) кога ќе пристигнеме на работа. Секој ден! !!
„21 ден предизвик“ – еве еден личен предизвик што ве охрабруваме да го тестирате. Одберете по една (или дури и само една) од наведените препораки и пробајте да ја имплементирате 21 ден. Анализите кажуваат дека само 2% од вас ќе бидат упорни и издржливи да го спроведат ова во практика. Дали сте вие дел од тие 2%?
Во секој случај, кои од овие препораки да ги искористите и на која благосостојба да работите, најважно е да имате на ум дека мора да ги гледате сите три како едно и дека само со остварување на баланс помеѓу нив може да сметаме за некој успех во менување на нашата здравствена состојба. Со цел да го дадете најдоброто од себе, вие мора да сте во вашиот оптимален баланс.
Со успех во промените.