А1 Македонија со најголем удел на пазарот според бројот на претплатници во мобилната телефонија

122

Бројот на активни претплатници во мобилна телефонија во вториот квартал годинава изнесува 1.867.694, а реализирани 1.523.126.310 минути разговор. Резиденцијални при пејд претплатници се 725.868, а пост пејд 892.456. Дел од вкупната бројка се и 249.370 деловни постпејд претплатници.

Според податоците на Агенцијата за електронски комуникации, во второто тримесечие годинава бројот на претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна телефонија изнесува 1.398 860.

Најголем удел на пазарот според бројот на претплатници во мобилната телефонија има А1 Македонија, 49,78 проценти, пред Македонски Телеком (47,25 проценти), по што следат Лајка мобајл (1,76 проценти), Роби (1,19 проценти), како и Греенмобајл (0,02 проценти).

И според остварените приходи најголем е уделот на А1 Македонија, (49,31 процент), Македонски Телеком има удел по тој основ од 49,25 проценти, Роби од 0,96 проценти, Лајка мобајл од 0,45 проценти, а Греен мобиле од 0,03 проценти.

Најголем удел во вкупниот број на активни претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) во вториот квартал годинава има А1 Македонија со 52,19 проценти, по Македонски Телеком има 45,27 проценти, а Роби 1,60 проценти…

Извештајот на Агенцијата за електронски комуникации покажува дека бројот на фиксни линии според сите технологии во вториот квартал годинава достигна 420.908, а во анализираниот период се остварени 34.301.471 минути разговор. Кон мрежи во странски држави се остварени 522.177 минути разговор.

Македонски телеком со 52,91 процент и натаму има најголем удел на пазарот според бројот на фиксни линии, пред А1 Македонија (39,73 проценти). Со 4,75 проценти е застапен операторот Роби, со 2,21 процент Неотел, со 0,53 Инфел Нет плус.