Адеми очекува да се најде инвеститор за ХЕЦ Чебрен

52

hecМинистерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми очекува конечно да се најде инвеститор што ќе ја изгради хидроелектраната Чебрен на Црна Река во регионот на Мариово.

“Одлуката за започнување на постапката за објавување на тендерот за Чебрен е веќе донесена на Влада, а следната недела треба да биде објавена. Очекувам овој пат да има заинтересирани и да биде успешен тендерот зашто некои од условите се изменти и на некој начин се баланс помеѓу потребите на државата и барањата на инвеститорите”, изјави Адеми пред почетокот на Форумот на чинители и засегнати страни во областа на обновливите извори на енергија што денеска се одржува во Стопанската комора на Македонија, пренесува МИА.

Тој посочи дека во новите услови не е предвидена изградба на хидроелектраната Галиште, но се остава можност подоцна да се гради доколку државата е заинтересирана.

“Со изградбата на ХЕЦ Чебрен нема да го решиме проблемот со производството на електрична енергија, но ќе ги ублажиме негативните ефекти за климатските промени и ќе ги исполниме условите за зголемување на процентот за искористување на обновливите извори на енергија”, потенцира Адеми.