Администрацијата на Бајден им простува долгови на десетици милиони студенти

283

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден донесе одлука да прости долгови од 20.000 долари поврзани со федералните студентски заеми за десетици милиони Американци. Овој потег треба да биде олеснување за оние кои подигнале ваков тип на заеми, но речиси е сигурно дека ќе биде проследен со политичко противење и одредени правни потешкотии.

По внатрешна дебата која траеше повеќе од една година, американскиот претседател најави дека ќе го укине кредитниот долг во износ од 10.000 долари за должниците кои заработуваат помалку од 125.000 долари годишно или за брачните парови чиј годишен приход е помал од 250.000 долари.

Дополнително, оние кои добиле федерални Pell грантови, односно школарина за студенти кои биле во финансиски незавидна ситуација кога влегувале на колеџ и моментално заработуваат помалку од 125.000 долари годишно, ќе имаат опција од 20.000 долари за простување на долгот, рече Бајден.

„Цела генерација во моментов е оптоварена со неодржливи долгови“, рече американскиот претседател во Белата куќа, додавајќи дека нема да се извини за оваа мерка, која ја дефинира како програма за помош на средната класа.

„Јасно ми е дека ова што го најавувам денеска нема да ги израдува сите, но верувам дека мојот план е одговорен и правилен“, додаде тој.

Независните проценки укажуваат дека трошоците за реализација на овој план во период од 10 години ќе изнесуваат 300 милијарди долари. Оваа акција ќе го зголеми федералниот дефицит бидејќи позајмувачите ќе плаќаат помалку или воопшто нема да платат, но федералната влада нема да мора веднаш да ги покрие трошоците поврзани со оваа мерка, пишува The Wall Street Journal.

Простувањето на долгот се однесува на студентите со федерални заеми за додипломски и постдипломски студии, како и за заемите „Parent Plus“, односно заемите земени од родителите на студентите, соопштија претставници на Белата куќа. Иако простувањето на долгот често се третира како приход за даночни цели, „откажувањето“ на студентски заем ќе биде исклучок, како и некои други федерални програми за откажување студентски долгови.

Белата куќа соопшти дека сите должници кои подигнале федерални заеми до 30 јуни оваа година се квалификуваат за простување на заемот. Заемите земени по тој датум нема да бидат покриени со програмата.

Планот за простување на долгот од околу 10.000 долари за заемопримачи кои заработуваат помалку од 125.000 долари годишно и двојно повеќе од оној за оженетите заемопримачи ги покрива повеќето од околу 40 милиони студентски заеми во САД.

Околу шест од 10 заемопримачи со студентски заеми добија и Pell grant, кој е помош за дипломски студии. Според Белата куќа, комбинираните активности би можеле да ослободат до 20 милиони должници од студентски долгови.