Европската бизнис асоцијација додели признание на Адора Инженеринг, како и на генералниот директор, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, за најдобро претпријатие од градежништвото и за најдобар менаџер од Македонија во 2012 година.
Во присуство на голем број претставници од повеќе земји во светот, во кралската палата Хофбурн во Виена, Австрија на Чифлиганец му беше доделена наградата за време на престижната меѓународна манифестација Најдобри претпријатија во Европа.
“Ова признание особено ни значи, имајќи ги во вид огромните напори кои секојдневно ги вложуваме во ова кризно време и тешка бизнис клима, за обезбедување работа на пазарот со голема конкуренција, носејќи храбри одлуки. Поради тоа, ваквиот успех е вистинска сатисфакција и мотив повеќе за нас и за сите вредни менаџери и работливи луѓе од Македонија. Наградата е потврда за Адора Инженеринг дека работи по светските стандарди, а за Македонија дека единствено вистинските вредности, кои ги препознава и признава светот, може да не афирмираат и да не однесат во семејството на ЕУ, што е приоритет на Македонија и македонскиот народ”, изјави д-р Ванчо Чифлиганец, генерален менаџер на Адора Инженеринг.
Наградата се доделува по извршена темелна анализа од страна на Европската бизнис асоцијација за значењето за регионот, нивниот економски развој, општествено одговорените активности, извозниот потенцијал, развојот на интегративните процеси, проширувањето на дистрибутивната мрежа, зголемување на иновативното ниво, воведувањето на високи технологии во работењето, конкурентноста и квалитетот, употребата на современи стандарди, ефективниот ПР, одржувањето на постојан углед во бизнисот и вработување на висококвалификувани кадри.
На 26 декември во хотелот Александар Палас во Скопје, Адора Инженеринг ќе го прослави својот 10 годишен успешен развој, потврден со 20 место по успешност и рангирањето меѓу петте најбрзорастечки компании во Македонија и со наградата за најдобро претпријатие и менаџер на годината.