Aegean Airlines ја презема Croatia Airlines?

103

Грчката авиокомпанија Aegean Airlines објави дека е заинтересирана за купување на неколку авиопревозници во Југоисточна Европа, а меѓу нив е и Croatia Airlines.

Потпретседателот на грчката компанија, Ефтихиос Василакис, рече дека превозникот има намера да ја зајакне својата регионална улога во Југоисточна Европа преку можни нови аквизиции.

Инаку, Aegean купи 51 отсто од акциите во Romanian Animawings во октомври минатата година, а се очекува да ја заврши 2022 година со профит, како и целосно да се опорави од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Компанијата објави дека продолжува да ја разгледува можноста за приближување до хрватската авиокомпанија, што потенцијално би можело да доведе до стратешко партнерство меѓу двете членки на групата превозници Star Alliance.

Непосредно пред избувнувањето на коронавирусот, Aegean потврди дека доставила необврзувачка понуда за купување на хрватската национална авиокомпанија. Следната фаза требаше да вклучи директни разговори меѓу грчката авиокомпанија и хрватската влада. Сепак, процесот беше запрен во март истата година бидејќи глобалната здравствена криза ги погоди секторите на авијацијата и туризмот.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во септември минатата година напомена дека преговорите меѓу двата превозници за договорот за стратешко партнерство ќе бидат обновени, но тоа се уште не се случило.

И Aegean Airlines учествуваше во претходниот обид за приватизација на хрватската авиокомпанија, уште во 2015 година, кога влезе во вториот круг преговори со тогашниот советник за приватизација, International Finance Corporation, но целиот проект беше суспендиран со промената на власта во Хрватска.

Aegean беше континуирано профитабилен од 2013 година до корона-кризата, со рекорден профит од 79,5 милиони евра во 2019 година, кога вработуваше околу 2.900 луѓе, превезуваше 15 милиони патници и имаше просечен фактор на оптоварување од 84,8 отсто во целата флота од 64 авиони.

Од друга страна, Croatia во 2019 година имала загуба од над 10 милиони евра, илјада вработени, превезла 2,1 милион патници во 12 авиони со просечна годишна зафатеност на кабината од 73,6 отсто.