Сите корисници на при-пејд картички, кои досега не ги регистрирале своите броеви, се уште имаат можност тоа да го направат кај своите мобилни оператори, соопшти денеска Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Регистрацијата може да се изврши со идентификување на претплатникот на самото продажно место со проверка на податоците од оригинален и валиден документ за идентификација, повикување од претплатникот на посебно утврден број каде ќе може да ги наведе бараните податоци (Т-мобиле – 1233, Оне оператор – 14181, Вип оператор – 140150), испраќање на податоците од страна на претплатникот преку кратка текстуална порака на посебно утврден број, внесување на податоците од претплатникот преку соодветна интернет страна (веб портал) или друг начин утврден од операторите и/или давателите на услуги.
Според АЕК, причина за реализирање на тој проект, поддржан од трите мобилни оператори во државата, се податоците и искуствата кои покажуваат дека користењето нерегистрирани при пејд картички може да предизвика несакани последици. При-пејд картичките се злоупотребуваат, се користат како анонимни броеви и ја нарушуваат безбедноста на голем број на граѓани.