АЕК доби најмногу поплаки за квалитетот на услугите од операторите

47

internetНајмногу поплаки за квалитетот на услугите од операторите добива Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Но со новата мерна опрема  што ја набавува ова регулаторно тело и која ќе се користи од 15 април годинава, тие проблеми ќе се надминат.

“Купувате интернет во којшто имате една брзина, но немате можност да ја проверите таа брзина и да докажете дека не е согласно договорот. Од 15 април кога ќе почне да се применува новиот Правилник за квалитет на сервиси, што беше донесен на 15 септември, а за кој операторите добија преоден период за да ги подoбрат своите мрежи, ќе нема можност за корекција. Нашите служби ќе бидат присутни постојано на терен и сите овие поплаки ќе ги решаваат”, изјави директорот на АЕК Роберт Орданоски, презентирајќи ги на средба со новинарите плановите на АЕК за работењето во текот на годинава.

Ордановски додаде и дека граѓаните стандардно се жалат и на висината на сметката, за што службите на АЕК  реагираат преку директен пристап во билингот на операторот. Ако бројот на минути што е наплатен не е еднаков со тоа што го кажува билингот, операторот ќе мора да ја корегира својата сметка.

Според него со новата софистицирана опрема ќе се мерат сите параметри на услугите од сите оператори, но истовремено ќе се вршат и редовни мерења. На операторите им се зададени параметри што мора да ги исполнат, како што е на пример достапност од 95% на мобилната мрежа во мобилната телефонија, таму кај што се изјасниле дека имаат.

Заклучно со третиот квартал лани, во однос на истиот квартал 2011 година телекомуникацискиот пазар во Македонија бележи раст во сите категории. Кај бројот на претплатници на широкопојасен интернет има зголемување за 11,20%.

На крајот на третиот квартал тој број изнесувал 302.257, односно 54% од домаќинствата во државата користеле широкопојасен интернет. Кај мобилниот  широкопојасен интернет променета е во нагорна линија за 15,92%, и кај таа услуга се евидентирани 446.288 активни претплатници.

Кај претплатниците во мобилната телефонија во третиот квартал лани се бележи раст од 1,9%. Заклучно со третиот квартал минатата година вкупниот број изнесува 2.299.926. Пазарниот удел на Т-Мобиле Македонија  е  49,5%, на Vip 27,2%, а на Оne 23,3%.