Аеродром во Дубаи ќе скенира лица на патници низ тунел со виртуелен аквариум

87

fish-1195749_960_720

Фото: Pixabay

Аеродромите во Дубаи на невообичаен начин ќе утврдуваат идентитет на патниците. Тунели со виртуелни аквариуми ќе бидат опремени со 80 камери што ќе ги снимаат и скенираат лицата на патниците додека тие поминуваат низ нив гледајќи во рибите, пишува Mashable.

Првиот ваков аквариум – тунел ќе биде оспособен кон крајот на следното лето, а први што ќе поминуваат низ него ќе бидат патниците на авиокомпанијата Emirates. Планирано е да бидат инсталирани повеќе вакви тунели до крајот на 2020 година.

Ова би требало да ги намали долгите редици на чекање, а патниците не би морале да помнат податоци од пасош, лична карта и други документи за идентификација. Додека тие гледаат во разните видови на риби релаксирајќи се, камерите ќе успеат да ги скенираат нивните лица од различни агли.

Патниците ќе можат да ги регистрираат своите лица на одредени места во аеродромот, а тие резултати потоа ќе се споредуваат со оние од тунелот. Доколку камерата одреди дека вие сте тие што се претставувате, добивате зелено светло на излегување од тунелот. Во спротивно, ќе се запали црвено светло и ќе бидете подложени на дополнителни проверки.