Аеродромот во Љубљана заинтересиран за обнова на директната авиолинија до Скопје

107

Аеродромот во Скопје е „исклучително важна“ рута за Љубљана што треба да се обнови, велат претставници на љубљанските аеродромски власти за специјализираниот сајт за авиосообраќај „Ексјуавиејшн“.

Сајтот посочува дека Скопје и Љубљана се двата најпрометни неповрзани аеродроми на територијата на поранешна Југославија, кои останаа без директна авиолинија по пропаѓањето на словенечката авиокомпанија „Адрија Ервејс“.

Според „Ексјуавиејшн“, од јануари до крајот на септември 2019 година, кога „Адрија Ервејс“, престана со работа, на релација Скопје – Љубљана и обратно летале 40.293 патници.

Во 2018 година, на оваа релација во двата правци летале 44.828 патници. По пропаѓањето на „Адрија Ервејс“, српската „Ер Србија“ стана главна авиокомпанија за превоз на патници меѓу Скопје и Љубљана.

„Ексјуавиејшн“ наведува дека нискобуџетната компанијата „Визер“ размислувала за лансирање на линија од Скопје до аеродромот во Марибор, како алтернатива на словенечкиот главен град, но побарала до еден милион евра субвенции и стимулации за одржување на услугите меѓу двата града. Од друга страна, наведува сајтот, „Ер Србија“ преговара со македонските власти за воведување на сезонски летни авиолинии меѓу Белград и Охрид од следната година, што ќе послужи и за поврзување на двата града, но и како трансфер линија за мрежата на подолги релации на српската авиокомпанија.

Српскиот авиопревозник првично започна сезонски летови меѓу Белград и Охрид трипати неделно во 2016 година, по тригодишен прекин. Во 2017 година, бројот на летови беше зголемен на четири неделно, но сепак до 2018 година авиолинијата беше укината поради притисокот врз „Ер Србија“ за намалување на трошоците и рационализација на нејзината авиомрежа.

– Тогаш, авиокомпанијата за одржување на својата линија за Охрид, првенствено се потпираше на трансфер патниците со специјални цени за македонската дијаспора во Австралија, од кои многумина потекнуваат од охридскиот регион. Сепак, прекинот на летовите на „Ер Србија“ за Абу Даби во 2017 година, кои служеа како трансфер од Австралија, значително влијаеше на намалување на прометот на охридската линија, наведува „Ексјуавиејшн“.

Сајтот посочува и дека „Кроација ерлајнс“ преговарала со аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“ за потенцијалното проширување на нејзините летови кон и од земјава.

– Доколку постои интерес од македонските тур-оператори и партнери, ние сме подготвени да ја прошириме нашата соработка и на други рути освен Загреб – Скопје, како можеби Охрид – Сплит, изјавија од „Кроација ерлајнс“ за „Ексјуавиејшн“.

Од друга страна, од „ТАВ Македонија“ истакнале дека авиоповрзаноста меѓу земјава и Хрватска е на незадоволително ниво и нови авиолинии би биле голем чекор напред во подобрување на сегашната состојба.

– Сметаме дека летови меѓу Охрид и Сплит би биле од интерес за туристите, така што тие би можеле да ги посетат двете земји во рок од неколку дена во еден потег, додале од „ТАВ Македонија“ за „Ексјуавиејшн“.