
Вработените на аеродромите ширум Германија започнаа 24-часовен штрајк, поради што беа откажани илјадници летови. Повеќе од половина милион патници ќе бидат погодени од штрајкот, објави Дојче веле (DW).
Штрајкот предизвика прекин на распоредот на летови на аеродромите во Франкфурт, Минхен, Штутгарт, Келн, Бон, Дизелдорф, Дортмунд, Хановер, Бремен, Хамбург, Берлин и Лајпциг. На аеродромот во Франкфурт откажани се 1.054 од 1.116 планирани полетувања и слетувања за денеска.
Сите редовни полетувања и пристигнувања на аеродромот во Берлин се откажани, додека аеродромот во Хамбург најави дека нема да има појдовни летови. Аеродромот Келн/Бон соопшти дека нема да работи со редовни патнички услуги, додека аеродромот во Минхен ги советуваше патниците да очекуваат „значително намалени распореди на летови“.
Германската авиокомпанија Луфтханза соопшти дека ќе има „одложувања и големи откажувања“ на сите летови на авиопревозникот.
Аеродромот во Хамбург беше првиот што беше погоден од штрајкот бидејќи работниците во неделата ја прекинаа работата без претходна најава.
Синдикатот Верди повика на штрајк бидејќи не е постигнат договор за зголемување на платите со работодавачите. Синдикатот бара потпишување на колективен договор за плати за речиси 2,5 милиони работници во јавниот сектор.
Германската влада и локалните општини рекоа дека предлозите на синдикатот, вклучително и зголемување на платите за осум отсто, повисоки бонуси и три дополнителни слободни денови, не се финансиски одржливи.











