
Сè уште е неизвесно дали становите што се продаваат за првпат ќе се даночат со повластена стапка од 5 отсто или таа ќе се зголеми на 18 отсто. Повластената стапка беше воведена 2010 година и беше најавена како антикризна привремена мерка со цел да ја стимулира градежната индустрија.
Градежните експерти велат дека зголемувањето на данокот ќе предизвика ново зголемување на цените на становите за 13 отсто, што може да резултира со пад на продажбата на нови станови. Од Агенциите за недвижности сметаат дека зголемувањето на ДДВ-то ќе ја намали продажбата на нови, а ќе ја зголеми на стари станови за кои сега се плаќа само данок на промет од 2 до 4 отсто.
“Сега за купување на прв стан се плаќа 5 отсто, а се очекува данокот од Нова Година да се зголеми на 10 или 18 отсто. Секоја понатамошна продажба треба да се даночи со повисока стапка, бидејќи сега многу станови се купуваат за бизнис. Порано становите не се оптеретуваа со поголем данок затоа што се купуваа само за потреба, за живеење или за своите семејствата. Сега е друга ситуацијата, се купуваат становите како инвестиција и се издаваат. Има многу кој купуваат втор, трет стан и затоа треба да се продолжи со политиката на повисок данок, изјави за „Локално“ Никола Велковски сопственик на градежна компанија.
Целиот текст на Локално.мк











