АХВ ги објави мониторинг програмите за безбедност на храна и храна за животни

78

Со цел обезбедување на висок степен на заштита на здравјето на луѓето, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе пакет програми за мониторинг на безбедност на храна и храната за животни за 2019 година, стои во соопштението.

Објавени се Програмата за мониторинг на безбедност на храната во Република Македонија за 2019 година, Програма за користење на средствата за ветеринарно јавно здравство во 2019 година, Програма за контрола и превентива на одделни физички, хемиски и биолошки опасности во определени видови или категории храна за 2019 година, и Програма за мониторинг за безбедност на храна за животни за 2019 година. За реализација на овие програми предвидени се вкупно повеќе од 50 милиони денари. Целта на програмите е континуирано следење и правовремено превентивно откривање и одредување на ризици по здравјето на луѓето, заштитата на животните и животната средина низ целиот синџир на безбедност на храната. Мониторингот на безбедноста ќе се спроведува на различни видови или категории храна и во однос на различни параметри, кои претставуваат критериуми за безбедноста на храната, но, и во другите фази од интегрираниот синџир.

Со програмите се одредува присуството и концентрациите на контаминентите во храната, се утврдува присуство на резидуи од пестициди во и на храната, миграцијата на одделни супстанции од материјалите и производите што доаѓаат во контакт со храната, мониторирање можно присуство на ГМО-храна, микробиолошки критериуми и други опасности во храната, како и евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот.

Во рамки на програмите, планирано е мониторирање на безбедноста на храната во однос на микробиолошките критериуми на одредени категории на прехранбени производи, за определување на присуство на резидуи од пестициди во однос на максимално дозволеното ниво (МДН) во производите од растително потекло, определување на максимално дозволени количества на специфични максимални нивоа на резидуи од пестициди или метаболити на пестициди во преработена храна на житна основа и детска храна за доенчиња и мали деца и пестициди кои не треба да се употребуваат во земјоделско производство на обработена храна на житна основа и детска храна за доенчиња и мали деца. Со оваа активност опфатена ќе биде и почетната формула за доенчиња и последователната формула за доенчиња.

Со мониторинг програмата за безбедност на храната ќе се врши и мониторирање за определување на присуството на тешки метали во одредени видови прехранбени производи, определување на присуство на нитрати, на микотоксини, како и материјалите и производите кои доаѓаат во контакт со храната. Мониторинг ќе се врши и за утврдување на присуството на ГМО храна, како и на производите од органско производство во Република Македонија и за храната третирана со јонизирачко зрачење.