Air ambulance – летечко такси за превоз на болни лица

69

air ambulance

До крајот на септември Хрватска би требало да добие официјално одобрение од Агенцијата за цивилно воздухопловство за првиот комерцијален air ambulance превоз на болни лица, пишува 24 сата.

Компанијата од Осиек, Air Pannonia, го купи авионот Beechcraft king air C 90 за околу 390.000 евра. За вградување на дополнителната опрема за транспорт на пациенти и органи за пресадување ќе се вложат дополнителни 64.000 евра.

“Аеродромот во Осиек е идеален за овој потфат. На овој аеродром има еден до два амбулантни летови во месецот, а кон тоа треба да се вклучат и градовите на Јадранот, но и во Белград, со еден таков лет неделно. За половина час до 45 минути нашиот авион може да биде во Дубровник, Будимпешта, Белград, Сараево, Загреб, Задар или Љубљана. Доколку го земеме во предвид големиот број на иселеници осигурани преку своето матично осигурување во земјите во кои работат, а гравитираат кон Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Турција, како и бројот на несреќи што се случуваат, сметаме дека би било во ред да се понуди вакво нешто“, објаснува Домагој Влашиќ, сопственик на компанијата Air Pannonia.

Оваа компанија го опреми авионот со lifeport, уред што го имаат и возилата на Брза помош, боци со кислород, лежалка со приклучок за инкубатор и ладилник за превоз на органи за трансплантација. Домагој напоменува дека ова летало ќе има 24-часовно дежурство.

“Ние не сме летечка Брза помош туку превоз за стабилизирани пациенти кои треба да се транспортираат во лежечка состојба“, објаснува Влашиќ.