Големите германски компании – БМВ, Хенкел и ЗФ – се селат во Србија

Големите германски корпорации и глобални брендови масовно го селат производството во Србија и Унгарија, од автоделови до лепило, каде што се привлечени од поволната политичка клима за инвеститорите, пишува „Берлинер Цајтунг“.

Компаниите од Германија се селат на места каде што политиката ги слуша нивните потреби, па затоа производствените капацитети се затвораат во неколку германски региони, во Цвикау, во Саксонија и Швебиш Гминд, во Баден-Виртемберг, а најсовремените фабрики се градат во Дебрецен, Кечкемет, Нови Сад, Панчево, Суботица, Кач.

Според експертите, квалификувана работна сила со конкурентни плати, добри универзитети, ниски даноци и економска политика насочена кон промовирање на инвестициите ги прават Србија и Унгарија привлечни за инвеститорите.

„Берлинер Цајтунг“ истакнува дека една од причините зошто Србија, која не е членка на ЕУ, стана интересна за германските индустриски шампиони, како и за инвеститорите од други земји, е тоа што во последните години таа се трансформираше од земјоделска земја во составен дел од европските синџири на снабдување.