Airbnb трајно ги забрани забавите во изнајменото сместување: „Се покажа како ефикасно“

68

Платформа за изнајмување сместувачки капацитети Airbnb објави дека трајно забранила организирање на каква било забава во сместувањата што ги нуди низ целиот свет, откако тоа привремено го стори во август 2020 година.

„Привремената забрана се покажа како ефикасна и денеска официјално ја воведуваме забраната како наша политика. Забавите и настаните ќе продолжат да бидат забранети, вклучително и собири на отворено“, се вели во соопштението.

Потсетуваат дека поединци во времето кога многу локали и клубови беа затворени поради пандемијата на корона вирусот, правеа забави во изнајмени објекти.

„Ова нè загрижи и поради нарушувачката природа на неовластена забава и поради ризикот дека таквите собири би го шират вирусот“, додаваат од компанијата.

Во 2020 година, Airbnb формираше и тим за брза реакција во случај на проблеми и предвиде санкции против корисниците кои не ги почитуваат новите правила на однесување.