Последниот произведен авион Airbus A380 денеска им е предаден на новите сопственици, авиокомпанијата „Емирејтс“ и иако овие небесни џинови ќе продолжат да летаат, нивната долгорочна иднина е неизвесна. Emirates, кој поседува половина од флотата на А380, планира да ги користи уште многу години.
Сепак, неколку други авиокомпании престанаа да ги користат за време на пандемијата, а некои целосно се откажаа од нив.
А380 е најголемиот патнички авион на светот и во стандардна конфигурација, може да прими 545 патници, иако во теорија бројката е далеку поголема – 853. Тој има четири мотори, распон на крила од 90 метри и тежи 560 тони. Исто така е многу сложен, па содржи околу 530 километри жици. Сепак, според поранешниот капетан на А380, Алек Скери, овој авион многу лесно се управува.
„Airbus го создаде авионот така што имате чувство како да возите помал авион. Тој воопшто не се чини како авион од 600 тони“, вели Скери.
Проектот беше зачнат во почетокот на 1990-ите и авионот требаше да биде симбол на европската индустриска моќ. Првиот лет го имаше во 2007, но уште тогаш стануваше јасно дека ќе биде комерцијален неуспех и досега се произведени само 251 примерок.











