Аирлија колумна

strelka-pexels

Фото: Pexels

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Тешко е да не си информиран денеска – господин Google и госпоѓа Wikipedia имаат одговор скоро на секое прашање. Да не ги спомнувам останатите десетици милиони интернет сајтови. Башка социјалните мрежи и на нив сличните платформи. Во такви услови, сé што се објавува на интернет, а не е важна вест, веројатно привлекува мало или никакво внимание од корисниците на информации. Свесен за ова, сепак се нафатив да бидам колумнист. Мојата водилка при носење на таквата одлука беше длабоката почит што ја имам кон луѓето од ЦЕЕД Македонија. Значи, подготвен сум да ги видам моите текстови обвиени во „дигитална прашина“.

За почеток, сакам да ви кажам што не сум.

Прво, не сум професор. Сé што ќе читате во моите колумни ќе биде нешто што сум го видел и доживеал, а не книги.

Второ, не сум консултант. Јас и мојата компанија пред сé развиваме производи наменети за консалтинг, а кои се продаваат на слободен пазар. Тоа значи дека секојдневно се борам со основните проблеми на секоја компанија – развој, продажба, трошоци, поддршка на клиенти и профит.

Трето, не сум проповедач. Ниту сакам да наметнувам идеи, ниту да ги етикетирам нештата како добро или лошо, ниту пак да држам нечија страна. На оваа возраст и со она што го имам направено досега, воопшто немам намера да се докажувам. Значи, читајте ме поради она што го пишувам, а не поради она што мислите дека сум.

Четврто, не сум платен за она што ќе го пишувам. Ова го правам од задоволство и никој не може да ми префрли дека нешто е напишано „по нарачка“.

Е сега, што ќе читате во мојата колумна.

Не знам колку долго ќе живее мојава колумна, ама планот ми е следен: да пишувам за моите искуства од работењето со најразновидни луѓе и компании ширум светот, а кои искуства може да служат како основа за дискусија со читателите. Значи, читателот ми е најважен и подготвен сум да се прилагодувам на потребите на тој читател. Отворен сум за критики на ставовите што ќе ги изнесувам, а добро би се чувствувал да видам и одобрувања или пофални зборови.

Оние што добро ме познаваат, знаат дека во целиот мој досегашен живот сум се трудел да бидам прв, најдобар, на врвот. Оттука и насловот на колумната. За жал, мојот труд не се покажа како доволен. Едно е да им кажуваш на другите како да дојдат до врвот, а друго е ти самиот тоа да го правиш. Едно е да си лекар, а друго е да си здрав. Значи, да се разбереме уште на почеток: ниту сум на врвот, ниту пак верувам дека ќе стасам дотаму. Мојот најголем непријател и најголема пречка да стасам до врвот сум самиот јас.

Зошто ви го велам ова? Можам да ви кажам дека не сум осамен пример. Сум се видел себе си во многу основачи на компании или вработени на врвни позиции во компании. Можат сé и секого да победат, освен самите себе. Тоа ги ограничува да не го достигнат полниот потенцијал, како својот така и на компаниите во кои работат. Искрено верувам дека и меѓу читателите има многу со вакви искуства. Тоа е мојата посакувана публика.

Доволно за почеток, се читаме следната недела.