Ајвар… кавијар од нашите краишта

170

Месец ептември значи почеток на сезоната за подготовка на зимници. Ѕвезда меѓу оние производи што најмногу се прават за претстојната зима е секако ајварот.

Името на овој деликатес потекнува од турскиот збор havyar, што значи кавијар, како што потсетува и изгледа ајварот. Иако битките сè уште се водат околу тоа чиј е, дали е од Македонија, Србија, Бугарија, Словенија, Турција…, сепак важно е дека семејствата се “мобилизираат“ во негова подготовка и уживаат додека го подготвуваат.

Пазарите во овој дел од годината се преполни со пиперки во различна боја, со различни вкусови, големини, потекло… За овој вкусен рецепт се потребни црвени пиперки што се одгледуваат специјално за ајвар. Некои домаќинки додаваат моркови, домати, црни патлиџани и други додатоци што имаат за цел да го облагородат вкусот на “кавијарот“. Најпрво пиперките се печат, па се лупат, се цедат, се мелат и се пржат во голема шерпа.

Добро е да се знае дека пиперките се голем пријател на човечкиот организам, бидејќи се богати со витамин А и С, антиоксиданси и други хранливи материи. Затоа, пиперките се добри за кардиоваскуларниот систем, а се препорачува и кај луѓе болни од астма и остеопороза. При купување треба да водите сметка пиперките да бидат свежи, а во фрижидер не треба да се чуваат подолго од два до три дена. Енергетската вредност на свежа пиперка е само 20 калории на 100 грама.

Но, се поставува прашањето, дали по долга термичка обработка, хранливите материи се задржуваат во пиперките. Нутриционистите се согласни дека ајварот е ниско хранлив продукт, но важно е да се комбинира со други хранливи производи што ќе го збогатат неговиот вкус.

Некои го користат ајварот како еден вид салата, додаток за јадења, намаз… Не постои единствена примена, па затоа секој може да го користи според свои желби и вкусови.

Фото: Pixabay