Акаш Мехта: Обезбедете свои алатки за успех, учете, комуницирајте и помагајте

1046

На само 24 години, Британецот Акаш Мехта со потекло од Индија, се најде на листата на Forbes – Најуспешни млади луѓе под 30 години. Тој е дипломиран инженер и работи како глобален менаџер за дигитален маркетинг во Dior. Во интервју за Бизнис Инфо откри многу повеќе за својот живот, идните планови и сподели која е формулата за успех на толку млада возраст.

Бизнис Инфо: Кој е Акаш Мехта? Кажете ни нешто повеќе за вас.

Роден сум во Лондон, но по потекло сум од Индија. Татко ми веќе 40 години е во модната индустријата, поточно – парфеми и козметика. И јас сум моментално во тој бизнис, но работам за Dior. Она што е интересно е дека сум дипломиран инженер, електроинженер. Сакам математика и аналитички задачи, но истовремено ја сакам и креативноста. Открив дека “дигиталното“ може да ги спои двете. Маркетингот е она што бара креативност, но и бројки, податоци, аналитички вештини. Тоа беше совршен спој за мене и можност да бидам на толку висока позиција, а толку млад. Следниот мој чекор, којшто го планирам веќе некое време е да отворам сопствена компанија за консалтинг, да им помагам на малите и големи бизниси во однос на дигитален маркетинг. Исто така, сакам да создадам и нови модни брендови, “свесни“ модни брендови, што “возвраќаат“. Сонот ми е да креирам мини LVMH за козметички производи.

Бизнис Инфо: На возраст од само 25 години сте на висока позиција во едно големо име во светот на модата. Како изгледа еден ваш работен ден?

Мојата работна позиција во Dior е глобален дигитален менаџер и моја задача е да се грижам за социјалните медиуми, инфлуeнсер маркетинг, здружен маркетинг. Тука сум речиси три години, научив многу, но сега сакам да направам нешто за мој сопствен бизнис, да станам претприемач. Сметам дека го имам потребното искуство и планирам да заминам од позицијата за еден до два месеци, но и понатаму ќе соработувам со Dior и LVMH, како консултант.

Бизнис Инфо: Што е заедничко помеѓу компаниите што се занимаваат со козметика, мода, луксуз?

Има премногу историја, наследство во сите луксузни брендови, но сега се стремат да останат релевантни, доследни на новата генерација, се обидуваат да бидат иновативни. Од една страна ги имаме овие големи луксузни компании коишто иако имаат многу зад себе, во последните неколку години се движат кон адаптација, стануваат повеќе како старт – ап. На тој начин младите претприемачи можат да најдат место во големите компании. Затоа и останав во таа индустрија толку време, од причина што на еден начин дозволуваат да бидеш сам свој претприемач, да креираш. Мора да се остане релевантен да се следат трендовите и новото време, во спротивно брендот нема да успее.

Бизнис Инфо: Колку и како влијаат социјалните медиуми и интернет инфлуенсерите на компаниите, на продажбата…?

Секако дека имаат големо влијание. Пред 10 години маркетингот се правеше преку билборди и разни реклами. Денес, инфлуенсерите се можеби и најдобар начин за пренесување на пораката. Сепак, овој вид на маркeтинг е во таканаречена сива зона, од причина што не знаеме кој, кога и како постирал на интернет, односно не можеме веднаш да го видиме ефектот. Иако е важен сепак треба многу да се внимава на него, односно да не се инвестира премногу, за да не дојде до резултат што е под очекуваниот. Инфлуенсерите се поважни доколку имате мал бизнис, но ако сте веќе етаблирано име не ви се толку потребни.

Бизнис Инфо: Која е формулата за успех за Акаш Мехта? Од каде ја наоѓате енергијата за го издржите тоа темпо?

Работам многу, малку спијам и секогаш се стремам да бидам подобра верзија од себе. Си поставувам предизвици. За мене важи мислата дека “Проблемите на другите се и твои проблеми“. Без разлика во кој бизнис се наоѓате не се фокусирајте само на тоа што вие го правите. Гледајте и што другите прават, учете, помагајте.

Енергијата ја црпам од практикување на јога, медитација и фитнес вежби секој ден. Исто така, секој ден решавам и логичка сложувалка, на тој начин го вежбам мозокот. Оваа техника ми ја покажа извршниот директор на Dior и сега постојано ја практикувам. Научно е докажано дека со решавање на сложувалки се зголемува креативноста. Иако работам многу умеам да балансирам, да излезам со другарите, да гледам филм во кино. Сега инвестирам многу во работата, но знам дека ќе ми се исплати во иднина кога ќе можам повеќе да одморам.

Бизнис Инфо: Спомнавте дека подготвувате сопствен бизнис. Каква е замислата за новиот предизвик? Дали ќе бидете лидер и менаџер истовремено?

Мојот бизнис ќе биде на четири локации, Лондон, Њујорк, Париз и Шангај и планирам да вработам за почеток десет луѓе. Ќе бидам консултант на LVMH и уште неколку други брендови. Ќе советувам на темата дигитален маркетинг, како брендовите да го подобрат својот маркетинг перформанс. Секако останувам во таа индустрија, го сакам мојот тим во Dior и LVMH и ќе продолжам да ја негувам врската со нив. Кога станува збор за лидер и менаџер мислам дека сум и двете. Во Dior сум повеќе менаџер, во таква голема компанија не сте најважниот човек, па затоа не ни можете да бидете лидер колку што сакате. Има моменти каде што треба да водите, но тоа се поретки. Во иднина сакам да бидам лидер, но треба уште многу да учам, да бидам трпелив.

Бизнис Инфо: Што би ги посоветувале младите и сите оние кои сакаат да создадат сопствен бизнис?

Да бидат отворени кон светот, да запознаваат постојано нови луѓе, да патуваат, да учат. Слушајте ги другите, почитувајте ги, не судете… Треба да знаете кои сте и што сакате во животот. Мене лично многу ми помогна тоа што знам дека зад себе имам многу следбеници, луѓе кои се поврзале со мене преку социјалните мрежи. Како дете бев премногу срамежлив, но сега се чувствувам многу помоќно, немам проблем да зборувам пред голема толпа луѓе. Мојата виртуелна заедница ми дава сила да се качам на сцената и да го кажам тоа што го мислам. Младите луѓе треба да ги обезбедат потребните “алатки“ што би им дале храброст да ги преземат работите во свои раце, да изградат нешто свое, да не се сомневаат во себе, зошто ќе има и такви денови.