Акции VS обврзници

1179

rast-biznis-pixabay

Фото: Pixabay

Хартиите од вредност претставуваат преносливи инструменти со одредена финансиска вредност. Нивната поделба е на: обврзници (должнички хартии од вредност), акции (сопственички хартии од вредност) и деривативни инструменти (свопови, фјучерси и опции). Хартиите од вредност може да бидат во хартиена или во електронска форма. Тие се инвестициски инструмент што ги издава одредена компанија, институција или државен орган, што нудат доказ за долг или капитал.

Секоја од овие хартии од вредност имаат две основни компоненти: писмен доказ за поседување на хартија од вредност, како и правата и обврските што произлегуваат од таа хартија од вредност.

Акции

Акциите претставуваат хартии од вредност издадени во цела серија, што претставува дел од основниот капитал на одредено акционерско друштво, со што имателот на акцијата има сопственост над капиталот во тој процент. Учеството на акционерите во основниот капитал е одредено со бројот на акции што ги издало друштвото и колкав износ поседува акционерот. Емисијата на акции служи за зголемување на капиталот на компанијата, а со тоа и зголемување на капиталната база на компанијата. Акциите се предмет на купување на организираниот пазар на капитал.

Обврзници

Обврзниците претставуваат должнички хартии од вредност со коишто издавачот се обврзува дека на сопственикот на хартијата од вредност ќе му ја исплати номиналната вредност на која гласи инструментот, зголемена за пресметаната камата за одреден период. Сопственоста над обврзниците се стекнува со исполнување на обврските во пари. Обврзници може да издаваат компании, банки, државата, општини и слично.

Главни разлики меѓу акциите и обврзниците:

  • Акциите немаат, а обврзниците имаат рок на достасување.
  • Дивидендата (како приход од акцијата), е правна, а каматата, (приход од обврзницата) е договорна обврска. Правната обврска подразбира одлуката за исплата на дивиденда претходно мора да се донесе, а каматата во рамки на договореното мора да се исплати во точно утврден рок.
  • Износот на дивидендата не е однапред познат, бидејќи зависи од остварените резултати на компанијата, додека износот на каматата е прецизиран со договор и е однапред познат.
  • Управување со компанијата и негова контрола е едно од основните права на акционерите, што тоа не е случај со имателите на обврзници.
  • Во случај на ликвидација или стечај на компанијата, сопствениците на обврзници имаат предност во однос на акционерите во наплата на своите побарувања од ликвидационата, односно стечајната маса.