Акциите на Јувентус скокнаа за 12,3 проценти откако семејството Ањели ја одби понудата на Тетер

Акциите на Јувентус скокнаа за 12,3 проценти на Миланската берза денес откако инвестициската компанија Ексор, во сопственост на семејството Ањели, ја отфрли необврзувачката понуда од фирмата за криптовалути Тетер за купување на мнозински удел во италијанскиот фудбалски клуб.

Според информациите од писмото испратено од Тетер до Ексор, фирмата за криптовалути понудила да го купи 65,4 проценти од акциите на Ексор во Јувентус за готовина по цена од 2,66 евра по акција, што е премија од околу 20,7 проценти во однос на официјалната цена на акциите на затворањето на тргувањето на 11 декември.

Пазарната вредност на Јувентус се проценува на околу 1,1 милијарда евра.