Акциите на Мицуи и Мицубиши потонаа по изјава на Медведев

277

Акциите на јапонските компании Мицуи и Мицубиши (Mitsui и Mitsubishi), кои се акционери на проектот за течен природен гас (TPG) Сахалин-2, паднаа денеска откако поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев ѝ се закани на Јапонија дека нема да има руска нафта и гас.

Акциите на Мицуи паднаа за 5,7 отсто, а на Мицубиши за 5,4 отсто до пладневната пауза на денешното тргување на берзата во Токио, пренесува Ројтерс.

Јапонија „нема да има нафта ниту гас од Русија, ниту учество во проектот „ТПГ Сахалин-2“, напиша во вторникот на социјалните мрежи Медведев, кој сега е заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност.

Неговата порака беше реакција на претходната изјава на јапонскиот премиер Фуми Кишида, кој минатиот викенд рече дека земјите од Групата седум (Г7) се согласиле да ја ограничат цената на руската нафта на половина од сегашното ниво.

Лидерите на Г7 минатата недела се согласија да ја истражат можноста за воведување забрана за пратки на руска нафта што би се продавала над одредена цена во обид да ги намалат приходите на Москва од извозот на енергија и да ги исцрпат нејзините средства за финансирање на војната во Украина, но не споменаа специфична бројка за ограничувањето на цената, додаде Ројтерс.

Портпаролот на јапонската влада Сеиџи Кихара утринава изјави дека е запознаен со изјавите на Медведев, но одби да ги коментира. Тој, исто така, одби да потврди дали Г7 разговарала за цифрите на плафонот на цените, велејќи само дека „допрва треба да се одлучат конкретните највисоки цени и ќе се дискутираат меѓу членките на Г7“.

Русија во петокот објави декрет за преземање целосна контрола врз проектот за гас и нафта Сахалин-2 на далечниот исток на земјата, потег што може да ги принуди британската Шел и јапонските инвеститори да излезат од проектот.

Проектот Сахалин-2 е еден од најголемите во светот во областа на ТПГ. Околу 60 отсто од производството на ТПГ од тоа поле се доставува во Јапонија со долгорочни договори.

Мицуи и Мицубиши имаат удел во проектот од 12,5 проценти и 10 проценти.