Акциите на технолошките компании стагнираат, производствениот и трговскиот сектор закрепнуваат

31

Во синоќешното тргување со Волстрит, индексот S&P 500 доби на вредност за прв пат по пет дена, но инвеститорите остануваат претпазливи бидејќи чекаат нови економски показатели и детали за претстојната одлука за зголемување на даноците.

Dow Jones зајакна за 261 поен, или 0,76 проценти, на 34.869 поени, а S&P 500 порасна за 0,23 проценти, на 4.468 поени. Во исто време, индексот Nasdaq ослабна само малку (0,07 проценти), на 15.105 поени, пренесе Seebiz.

Резултатот од индексот Nasdaq е последица на падот на цените на акциите во технолошкиот сектор, додека растот на индексите Dow Jones и S&P 500 се објаснува со зајакнувањето на секторите кои би требало да имаат најголема корист од нормализирање на економската активност по корона-кризата.

Во фокусот на инвеститорите, сепак, вчера беше предлогот на претседателот на САД, Џо Бајден, за буџетски пакет вреден 3.500 милијарди долари. Предлогот се очекува да вклучува зголемување на данокот на претпријатија од 21 на 26,5 проценти.

Предложените даночни измени, според аналитичарите на инвестициската банка Goldman Sachs, би можеле да ги намалат приходите на компаниите од индексот S&P 500 следната година за приближно пет проценти.

Инвеститорите се, исто така, претпазливи бидејќи во вторник ќе биде објавен извештај за потрошувачките цени, кој ќе покаже дали инфлаторните притисоци се зајакнуваат или дали растот на инфлацијата е привремен во последните месеци, како што тврди американската централна банка.

Оваа недела ќе биде објавен извештај за потрошувачката на мало и расположението на потрошувачите во САД, кој ќе покаже дали ширењето на делта-варијантата на коронавирусот влијае на побарувачката.

И на европските берзи, цените на акциите, исто така, започнаа нагорен тренд. Лондонскиот индекс FTSE порасна за 0,56 проценти, на 7.068 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,59 проценти, на 15.701 поени, а парискиот CAC 0,20 проценти, на 6.676 поени.