Основачот и извршен директор на американската социјална мрежа Твитер, Џек Дорси ќе ја напушти функцијата извршен директор во компанијата.
Него ќе го наследи Параг Агравал, технолошкиот директор на Твитер.
„Неговата работа во изминатите 10 години беше трансформативна. Јас сум длабоко благодарен за неговата вештина, срце и душа. Негово време е да води“, порача Дорси.
Дорси е исто така основач и извршен директор на компанијата за финансиски услуги Сквер.
Тој еднаш го напушти Твитер во 2008 година, се врати во 2011 година, а во 2015 година стана извршен директор по втор пат.
„По речиси 16 години на позиција во нашата компанија – од ко-основач до извршен директор до претседател и привремен извршен директор до извршен директор – решив дека конечно е време да заминам“, напиша тој во пораката до персоналот на Твитер.
„Сакам сите да знаете дека ова беше моја одлука. Тешко ми беше, се разбира. Ја сакам оваа услуга и компанијата и многу ве сакам сите“, додаде тој.
„Навистина сум тажен, но и навистина сум среќен. Нема многу компании кои го достигнуваат ова ниво. И нема многу основачи кои ја избираат својата компанија наместо сопственото его. Знам дека ќе докажеме дека ова беше вистинскиот потег“.
Акциите на Twitter на берзите скокнаа за цели 11% по оваа вест.











