Ако имате производ што одговара на кризата не смеете да си дозволите да не се рекламирате

818

Ако имате производ што одговара на кризата не смеете да си дозволите да не се рекламирате, но притоа мора да сте внимателни на социјалната компонента и да покажете и грижа за заедницата, смета Владимир Ристевски, маркетинг директор во Piksel.mk.

Бизнис Инфо: Последниве недели земјава и светот пулсираат во „ритамот“ што го диктира коронавирусот. На какви лекции нè учи оваа пандемија?

Првата лекција, дефинитивно беше лекција по агилност и можноста на компаниите брзо да се прилагодат на новонастанатите околности кои верувам дека никој не очекуваше дека ќе се случат. Втората, мислам значително поважна лекција беше лекцијата по емпатија и човечност. Тука веќе моравме сите да сфатиме дека сме во ист кош, дека нема човек кој не е или здравствено или финансиски засегнат од целава ситуација – за мобилност не ни станува збор – и оттука моравме сите да сфатиме дека сега повеќе од било кога комуникацијата е клучна за да се продолжи со работа. За крај, далечинската работа која некогаш сите мислевме дека е невозможна ни стана рутинска и во од научивме многу работи, а најмногу важноста на започнување на процесот на дигитална трансформација на компаниите што за нас во Пиксел како дигитална агенција за софтвер и маркетинг е клучна во нашата мисија и визија.

Бизнис Инфо: Иако за некого е сосема нормално да се работи од далечина (од дома), сепак некои компании токму сега го воведуваат таквиот начин на работа. Што е потребно за успешно менаџирање на тимот што работи од различни места?

Најпрвин треба да се постави процесот. Секако во време на криза многу компании мораа да размислуваат и да се организираат во од, па ваквата промена доаѓаше во од. Процесот мора да се постави за соодветствува на работата каква што би била во канцеларија или со други зборови, првото најважно правило е, ако луѓето се дома, не значи дека се достапни за работа 24/7. Ако имаат пауза за ручек на работа, секако дека би имале и дома; но исто така, ако се дома, можеби и ги немаат идеалните услови за работа, па не можат да бидат и толку ефективни и ефикасни, иако истражувањата покажуваат дека луѓето се поефикасни кога работата од дома. Понатаму, процесот мора да постави основни правила за комуникација – мејлот би требало да биде примарен канал за комуникација за да нема недоразбирања, потоа некоја од електронските алатки за видео конференција (Zoom, Google Meet, Microsoft Teams, Skype итн.) би требало да ја заменат потребата за физички состаноци, па дури на крај да дојдат телефонските повици и програмите за брза чет комуникација. Ова е особено важно бидејќи првиот порив на секој во бизнис заедницата е да ѕвони за нешто на секои пет минути или да „куцка“ на Skype, Viber, Messenger, притоа заборавајќи дека ако луѓето постојано микро-комуницираат тогаш никој нема да има време ништо да сработи. На крај, доста битно е да се користат софтвери за следење на процесите во компанијата, за делегирање на задачи и за подобрување на продуктивноста, што ние одамна го увидовме (за среќа) и пред кризата и развивме интерен софтвер за бизнис анализа кој се покажа доста добар и ни даде нови идеи како да го развиеме во иднина.

Бизнис Инфо: Како да се подигне мотивацијата, да се поттикне креативноста и да се одржи кондицијата кај вработените во услови на криза?

Како што спомнавме и претходно, клучен момент во целава ситуација е емпатијата. Задачата на добриот сопственик/менаџер/тим лидер мора да биде да ги стави вработените на прво место и да им покаже и докаже дека навистина се грижи за нив. Оттука, најважен елемент е комуникацијата групно со целата компанија (преку видео повик се разбира), но и поединечно со секој вработен, што е можно почесто, на полично ниво со цел да им се обезбеди поддршка во справување со последиците од пандемијата и рестриктивните мерки. Колку да мислиме дека ситуацијава не е страшна, сепак стравот, неизвесноста и рестрикциите играат голема улога кај секој поединечно, па затоа улогата на лидерот мора да биде да се слуша со колегите, да ги прашува како се справуваат со се што им се случува, како може да се помогне и да ги инфомира за се што се случува во компанијата. Транспарентноста во овие тешки моменти е клучна и важно е сите да се во тек со се што се случува во компанијата, а тоа може само да помогне да го зајакне тимот и меѓусебната доверба кога компанијата ќе излезе од кризата.

Бизнис Инфо: Дали коронавирусот ќе нè потсети на некои важни работи, што ги имаме подзаборевено? И што треба да направиме за ги запаметиме за цел живот?

Дефинитивно нè потсети на тоа да се грижиме едни за други повеќе, нè потсети колку било убаво кога сме дома сите заедно и важноста на семеен ручек и вечера, готвење заедно, водење повеќе сметка за личното здравје, физичките активности, а и фактот дека материјалното не е важно колку што е важна мобилноста и слободата на движење. Ќе нè потсети во иднина колку треба да ги цениме здравствените работници, колку треба да доразвиеме некои вештини кои можеби порано се сметаа за традиционални и небитни, а денес сфаќаме дека во дадена ситуација се неопходни (како готвење, „домаќинство“ и слично). Доста важно е доразвивање на колективната свест за заштита на животната средина, за создавање на подобар свет за сите нас, ама пак ќе потенцирам, емпатијата е таа што би требало да нè издигне на сосема друго ниво и да нè направи подобри луѓе.

Бизнис Инфо: Во вакви ситуации ја осознаваме важноста на технологијата. Колку може да ја „завртиме“ во наша полза и да оставиме таа да „работи“ за нас?

Колку побрзо се почне со процесот на дигитална трансформација толку подобро. Ако ова беше правило пред пандемијата, денес веќе е задолжителна ставка за секоја компанија. Убавината на дигитализацијата е автоматизацијата на одредени процеси и леснотијата на добивање сè на едно место. Дополнително, процесот на автоматизација на процеси тесно може да се поврзе и со автоматизацијата на маркетинг активностите и тука е онаа идеална комбинација кон која секоја компанија треба да се стреми. Разбивање на митот дека дигиталната трансформација доведува до намалување на бројот на работни места е доста потребна дискусија, бидејќи сметам дека ако одредена компанија се дигитализира, може да само да одвои повеќе време вработените да се фокусираат на потешкиот дел на одржување и растење на бизнисот, наместо на задачи кои може автоматски да се извршуваат. Сегментацијата на потрошувачи, грижата за нив и носењето на нови квалитетни потрошувачи бара човечки допир и тоа се процеси кој технологијата може само да ги олесни, а за кои сепак требаат луѓе кои ќе имаат време да растат и да се развиваат на професионален план за да можат уште подобро да си ја завршат работата.

Бизнис Инфо: Како може да „блесне“ дигиталниот маркетинг во услови кога сите се плашат да преземат некој смел чекор и да го одржуваат својот бренд пред онлајн публиката?

Неколку работи се во преден план во ваква ситуација. Како што спомнав претходно и тука транспарентноста е клучна. Морате во вакво време да комуницирате со вашите потрошувачи и следачи на социјалните мрежи и останатите ваши дигитални канали. Ако имате производ кој одговара на кризата не смеете да си дозволите да не се рекламирате, но притоа мора да сте внимателни на социјалната компонента и да покажете и грижа за заедницата. Оние кои што можат донираат во време на криза и покажуваат дека и покрај тоа што се тешки времиња, човечноста е на прво место и тоа ќе им помогне во опстанокот во идните месеци. Оние кои имаат екстра ресурси треба да се свртат кон заедницата и да ги понудат нивните услуги кон секој кој не може да си ги дозволи, а му се потребни, а најлесно е тоа да се направи преку објава на социјалните медиуми. Останатите треба да најдат начин да го кренат духот на нивните следачи со позитивни објави, објави поврзани со нивните вработени, со забавни содржини и на тој начин да ја кренат свесноста за нивниот бренд. Карантинот не смее да го запре светот и надежта дека од ова ќе излеземе посилни и поподготвени од претходно.

Бизнис Инфо: Што очекувате драстично да се промени откако ќе заврши оваа криза?

Ќе се промени инертноста на луѓето во поглед на комуникацијата, тоа е сигурно. Нема веќе да постои изговор ако луѓето се наоѓаат на различни локации да мораат да најдат време за физички да се видат, туку видео повиците веќе ќе станат прилично нормални и лесни. Некои индустрии никогаш нема повеќе да бидат исти, ама ќе се отвори можност за нови потенцијални бизниси кои ќе експлодираат во иднина. Онлајн продавниците конечно ќе дојдат до израз во Македонија, компаниите за достава ќе бидат приморани да доинвестираат во човечки капацитети, софтвер и систем на бонуси за да може сè да тече беспрекорно, рестораните ќе посветат повеќе време на конципирање на начинот на достава на храна. Тука секако ќе биде и онлајн едукацијата како примарна индустрија која би експлодирала дополнително во иднина, што ќе повлече и диверзификација на знаење и вештини кај сите што ќе сакаат да инвестираат во себе и во поголема агилност кај работната сила, а со тоа и поголема конкурентност на пазарот на трудот.

Бизнис Инфо: Дали имате некое мото што ве мотивира?

Ако се вложиш во она што го сакаш доволно и станеш експерт за тоа, секогаш ќе најдеш други на кои тој талент и вештина им се потребни и секогаш ќе има работа за тебе. А има ли подобро нешто од тоа да го сакаш тоа што го работиш? Тоа дефинитивно е нешто кое ме води во животот и затоа секогаш се трудам да се надградувам и дефинитивно на тој начин, низ годините, сум развивал нови вештини и сум менувал професии врз основа на тоа што ми било пасија во дадениот момент. Така од преведувач и толкувач станав писател, па потоа се преквалификував во светот на дигиталниот маркетинг и претприемништво.

Бизнис Инфо: Што би им порачале на нашите читатели?

Секогаш бидете гладни за знаење. Тоа е нешто што мислам дека е во сржта на начинот на кој функционирам како човек, а треба секој да го земе предвид. Не смеете да си дозволите да застанете во животот, бидејќи така само ќе се забетонирате во зоната на комфорот и ќе имате страв да го живеете животот во целост. Ново знаење дава нови можности и нов начин да бидете посреќни во вашите кариери, а и можност да заработите повеќе и да бидете поуспешни.