Ако маркетите ги зголемат цените ќе следи построго ограничување на маржите

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најавува ограничување на профитните маржи за речиси сите артикли или зголемување на границата на ограничувањето на маржите, доколку по завршувањето на владината мерка, која истекува задутре, Државниот пазарен инспекторат констатира нерегуларности и драстично зголемување на цените од страна на маркетите.

Дурмиши, денеска, во одговор на новинарско прашање, потенцираше дека ограничувањето на профитните маржи до 10 проценти дало позитивни резултати и дека се забележува намалување на цените на храната и пијалаците.

Тој предупреди дека ќе следат построги мерки доколку, како што рече, трговците не постапуваат соодветно. „Мерката завршува на крајот на месецов, во среда, податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека дава резултати, односно во март имаме инфлација од 2,7 проценти, а споредено со февруари имаме дефлација за 1,3 проценти, во делот на храна и пијалаци намалени се цените. Истите информации покажуваат дека и овој месец цените во делот на храна и пијалаци се намалени, така што оваа мерка дава резултати.“

„Со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе бидеме на терен, ќе ги следиме цените, ако има девијантно однесување од страна на маркетите или ако има енормно зголемување на цените нормално дека ќе одиме пак со нови мерки. Ако трговците не се однесуваат како што треба или пак ги зголемуваат цените ќе има поригорозни мерки од она што го имаме сега. Ако на пример сега се опфатени 102 групи на основни прехранбени и непрехранбени производи тоа значи дека ќе опфатиме уште повеќе групи – скоро се ќе ставиме со одлуката што ќе ја донесеме, ќе ги опфатиме скоро сите производи што ги имаат ланците маркети, со ограничување на маржите на сите тие производи или вредноста на ограничувањето на маржите ќе биде поголема“, рече Дурмиши.

На предлог на Министерството за економија на 20. минатиот месец се применува ограничена бруто профитната маржа на 102 групи на производи и за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи, а со измени на Законот за заштита на потрошувачи, што стапија во сила на 18. месецов, трговците на мало се обврзани јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници и да ги ажурираат секој ден до 10 часот. Цените треба да бидат објавени во посебен дел од веб страницата и да бидат достапни без регистрација или дополнителна најава на веб страницата.