Ако сакате нов iPhone, само за него треба да работите 76 дена

84

Ако некој Македонец сака да си купи нов iPhone, тогаш само за него ќе мора да работи 76 дена, пишува германскиот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung во врска со истражувањето на интернет порталот Verivox.

Како што пренесува Дојче Веле, интернет порталот во последните две години пресметува колку долго луѓето во различни земји во светот мора да работат за да си купат iPhone.

“Додека во Германија iPhone 12 чини 876 евра, неговата цена во Северна Македонија е 1.061 евро. И тоа без оглед на тоа што поранешната југословенска република има една од најслабите економии и мора да се бори со слабата инфраструктура и голема невработеност. Еден жител на земјата со два милиони жители кои по секоја цена сакаат да имаат iPhone во просек за него мора да работат 76 дена. Тој паметен телефон е слично скап како во Грција, Шведска или Унгарија, каде чини над 950 евра“, наведува германскиот весник.

На потрошувачите во Германија во просек им се потребни осум работни денови за да можат да заработат за нов iPhone 12 со 64 гигабајти меморија. Први на листата се граѓаните на Лихтенштајн коишто за да го купат тој телефон потребни им се три работни дена, додека последна на листата е Молдавија, каде еден просечен жител за нов iPhone ќе мора да работи 85 денови.

Според германскиот весник, она што изненадува е фактот дека тие уреди во одредени “посиромашни“ земји се поскапи одошто во “богатите“.

Се поставува прашањето зошто цените на овој паметен телефон толку многу се разликуваат. Според порталот Verivox, цените се разликуваат поради данокот и увозните царини.

“Apple често нуди различен асортиман во земјите со пониска куповна моќ, но не ја намалува малопродажната цена. Истражувањето покажува дека во шест земји просечните месечни примања не се доволни за да се купи еден iPhone.

Русите со својата месечна плата можат да купат 0,9 уреди, Турците 0,8, а Црногорците 0,7. Граѓаните за Северна Македонија и Молдавија со просечната плата можат да си купат 0,4 уреди, додека од друга страна потрошувачите во Швајцарија и Норвешка со платите што ги примаат можат да си купат седум, а граѓаните на Лихтенштајн дури девет нови iPhone уреди.

Фото: Apple.com