
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александар Чеферин, изјави дека се надева дека Италија успешно ќе ги заврши инфраструктурните проекти пред Европското првенство во 2032 година, и дека доколку тоа не се направи на време, ќе остане без домаќинство.
„Европското првенство е планирано за 2032 година и се надевам дека италијанската инфраструктура ќе биде подготвена. Во спротивно, турнирот нема да се игра во Италија“, изјави Чеферин за италијанското списание „Газета дело Спорт“.
Италија, заедно со Турција, беше избрана за домаќин на Европското првенство во 2032 година, а 11 италијански градови поднесоа понуди за организација на игрите: Рим, Милано, Торино, Верона, Фиренца, Болоња, Неапол, Џенова, Бари, Палермо и Каљари.
Меѓу потенцијалните домаќини се два стадиони кои сè уште не се изградени. Милан и Интер претходно го започнаа процесот на изградба на новиот „Сан Сиро“, додека во март Рома доби согласност од градската администрација да започне со изградба на нов стадион на североистокот од Рим, објавува Бета.
Во последните денови, италијанскиот фудбал е потресен од третиот неуспех по ред во плејофот за Светското првенство. Италија беше поразена од Босна и Херцеговина во вторник во Зеница по изведувањето на пенали, па нема да учествува на овогодинешното Светско првенство, кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико од 11 јуни до 19 јули.
Поради лошите резултати, првиот човек на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) Габриеле Гравина, кој е и прв потпретседател на УЕФА, поднесе оставка.
Гравина беше реизбран на таа позиција минатата година и има уште три години мандат, иако Статутот на УЕФА бара членовите на Извршниот комитет да бидат и високи функционери на националните асоцијации.












