Актуелните мерки за влез во Грција продолжени за уште една седмица

17

До 29 јули се продолжени актуелните правила за влез во Грција, односно задолжителен документ за Ковид-19 и пополнет PLF формулар, согласно новата министерска одлука на грчката Влада Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19, што утрово стапи во сила, јави дописничката на МИА од Атина.

Ноќните клубови, дискотеките и слично во Грција, без оглед дали се на отворено или затворено, ќе примаат исклучиво вакцинирани гости или лица кои прележале Ковид-19, согласно новата министерска одлука.

Иако новите мерки кои стапуваат денеска во сила, првично се однесуваа само на затворени простори, сега, во објавената одлука од надлежните министерства има промени во однос на ноќните клубови.

За кафулињата и рестораните, мерката само за вакцинирани гости се однесува само на внатрешните делови, додека пак за ноќните клубови важи и за оние на отворено и на затворено.

Од Министерството за туризам на Грција, преку соопштение појаснуваат дека апликацијата Covid Free GR за скенирање на сертификатите и потврдите се однесува само на грчки граѓани и на државјани на земјите членки на ЕУ, односно на оние кои имаат европски сертификат.

За останатите, за државјаните на трети земји доволно ќе биде само при влезот да се покаже сертификатот за вакцинација во печатена или електронска верзија, заедно со документ за лична идентификација.

Фото: Pixabay