Албанија е нова популарна дестинација за одмор за Италијанците

64

Никогаш досега немало толку многу туристи од Италија кои летувале во Албанија, избегнувајќи толку високи цени дома. За 70 отсто е зголемен бројот на туристи од Италија во 2022 година во однос на 2021 година, а летово се за околу 50 отсто повеќе од цела минатата година.

Бројот на Италијанци кои летуваат на албанскиот брег на Јадранското и Јонското море е близу половина милион, изјави албанскиот премиер Еди Рама. Тој посочи дека во последните неколку години се променила перцепцијата за Албанија, која претходно важела за земја на криминал, мафија и сиромашни имигранти, пишува Albanian Daily News.

Италијанската премиерка Џорџa Мелони беше во ненадејна посета на Албанија претходно оваа недела. Таа се закотви во Валона каде пристигна со редовен ферибот од Пуља. Мелони летувала во Пуља со семејството, а потоа заедно се преселиле во Албанија, каде биле гости на Еди Рама и неговото семејство.

Со зголемувањето на цените во Италија, туристите од европските земји се привлечени од пониските трошоци за одмор во Албанија, од хотелско сместување до ресторани и лежалки. Германската федерална агенција за статистика објави дека цените на хотелите и рестораните се за 56 отсто пониски од оние во Германија, што ја прави Албанија најевтината дестинација за одмор во Европа.

Многу странски туристи во Албанија се Италијанци кои избегнале скапи одмори дома. Истовремено, меѓународните пристигнувања во Италија се намалени за 43 отсто во првите четири месеци во споредба со истиот период во 2022 година, додека домашните посети на некои региони се намалени за 20 до 30 отсто, покажуваат податоците на италијанската туристичка организација Federturismo.

Италијанското Министерство за финансии соопшти дека се потпира на туристите за да го зголеми БДП на земјата во третиот квартал, по разочарувачките податоци за вториот квартал, кога економијата се намали за 0,3 отсто во однос на претходните три месеци.

Покрај превисоките цени, топлотните бранови, пожарите и вулканските ерупции на југот, како и бурите на северот на Италија, придонесоа за зголемен број откажувања во последен момент. Глобалниот туристички инфлуенсер Аканкса Монга, со седиште во Индија, ги повика туристите да ја „прескокнат Италија“ во текот на летото, поради жешките горештини, неподносливите гужви и цените кои се „повеќе од Норвешка“.