Албанија го зголемува увозот на жито: Србија е водечки извозник

Во текот на изминатата година, Албанија увезе повеќе од 374.000 тони жито, а водечки извозник беше Србија.

Количината на увезено жито во 2025 година се зголеми за речиси 40.000 тони во споредба со 2024 година, како резултат на недоволното домашно производство.

„Имаме реформи, но нема конкретни мерки. Нема финансирање на земјоделството. Нашата земја не успеа во однос на субвенциите, поради што сме во оваа состојба – не произведуваме, туку увезуваме“, изјави експертот од областа на земјоделството Зеф Ѓета, пренесува албанската А2 CNN.

Според албанските медиуми, промените во географијата на надворешната трговија и намалувањето на трошоците за транспорт предизвикале цената на увезените житарки да биде пониска.

Житните култури сега најчесто пристигнуваат од Србија, а претходно пристигнуваа од Русија и Романија.

„Насекаде во светот, производството на пченица е субвенционирано. Во Србија, Канада, Франција и други земји, производството на пченица е субвенционирано. Земјоделецот не може сам да го преземе целиот процес“, рече менаџерот на мелничката компанија Анди Хаџијмери.

Албанија има околу 875.000 хектари земја, вклучувајќи обработливо земјиште, градини, ливади, тревни површини, пасишта и мочуришта.

Од тоа, површината што содржи хумус и минерални материи, односно земјоделско земјиште, се проценува на речиси 700.000 хектари.

Сепак, од година во година, површината засеана со пченица, пченка, овес, јачмен и други земјоделски култури се намалува, додека површината на напуштено земјиште се зголемува, објавува албанската телевизија А2 Си-Ен-Ен.