Албанија гради ново пристаниште, база на НАТО и марина во вредност од 2 милијарди евра

Капетанијата на пристаништа на Драч на северот на Албанија објави дека ќе отвори тендер за изградба на нов товарен терминал во своето најголемо пристаниште во првиот квартал од 2024 година. Првата фаза од проектот доби градежна дозвола по успешното завршување на проектот за реализација на новиот објект, соопшти Капетанијата на пристаништата Драч.

Тоа е град кој е оддалечен само околу 100 километри од црногорската граница, пишва Инвеститор.ме.

Деталниот проект е подготвен од конзорциум составен од холандската инженерска фирма Royal Haskoning DHV и албанската консултантска фирма Abkons, соопшти претходно Владата на Албанија.

Во првите 3 месеци од 2024 година ќе биде отворен меѓународен конкурс за изградба на новото пристаниште Порто Романо. По завршувањето на главниот проект и добивањето на развојна дозвола за 1 фаза од изградбата, ќе се одржи панел-консултација со претставници на НАТО во врска со изградбата на поморската база, која е составен дел на овој стратешки проект.

Новото пристаниште ќе се гради во областа Порто Романо во северозападниот дел на Драч. Постоечкото пристаниште во јужниот дел на градот ќе се трансформира во нов туристичко-станбен проект со марина вредна 2 милијарди евра, а главен инвеститор е компанијата Емаар со седиште во Обединетите Арапски Емирати.

Рокот за завршување на изградбата е 5 години. Планирано е и железничко поврзување на пристаништето Порто Романо со интермодалниот терминал во Приштина и интермодалниот терминал во Струга во Северна Македонија, објави Пословни дневник.

Ова го потврди министерката за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку, која изјави дека заедно со проширувањето на капацитетот на пристаништето во Драч, се подготвува и проширувањето на постојниот експресен пат Тирана – Драч (SH2) со изградба на лента за застанување со минимални трошоци за експропријација на земјиште, изградба на обиколница околу Тирана, која би ја надградила до стандардот за автопат и со нова железница до Приштина.