
Албанија, до неодамна скриен бисер на Европа, се соочува со експлозивен раст на туризмот, што може сериозно да ја загрози одржливоста на локалните заедници и животната средина. Од 2015 година, бројот на туристи во земјата речиси се зголеми за трипати – од 3 милиони тогаш на дури 10 милиони во 2023 година, што претставува зголемување од 56% во споредба со нивото пред пандемијата. Албанската влада очекува тој број да порасне на 30 милиони годишно до 2030 година, што би ја направило земјата да прима повеќе туристи отколку што Португалија или Хрватска моментално имаат, пишува британскиот Експрес.
Загриженост за животната средина и инфраструктурата
Ова ненадејно зголемување на туризмот доведе до сериозни загрижености. Весли Дидани од веб-порталот Саранда предупредува дека некои туристички проекти никнуваат без соодветен урбанистички план, што предизвикува уништување на природната средина, особено во крајбрежните области. На пример, во Саранда се регистрирани случаи на директно фрлање градежен отпад во морето.
Влијание врз локалното население
Притисокот се чувствува и врз пазарот на недвижности: локалното население има сè потешкотии да најде прифатливи станови бидејќи странските инвестиции и побарувачката на странски туристи ги кренаа цените нагоре. Ситуацијата потсетува на она што се случува на популарните дестинации како Мајорка.
Инвеститори Џаред Кушнер и Иванка Трамп
Албанија сè повеќе се позиционира како привлечна туристичка дестинација. Нејзините песочни плажи, природните убавини како што се Синото око, жичарницата Дајти Експрес и археолошкиот парк Бутринт привлекуваат сè поголем број патници, вклучувајќи и познати инфлуенсери на социјалните мрежи. Меѓу инвеститорите беа Џаред Кушнер и Иванка Трамп, кои добија зелено светло за изградба на луксузен хотел вреден 1,4 милијарди долари на островот Сазан.
Според Светскиот туристички совет, Албанија во моментов е третиот најбрзо растечки туристички пазар во светот, веднаш зад Катар и Порторико.