Албанија стана најскапа во Западен Балкан: Цените пораснаа на 70% од просекот на ЕУ

Во последните десет години, Албанија забележа значителен напредок кон Европската Унија, но овој процес беше проследен со драстично зголемување на трошоците за живот, што ја прави земјата најскапа во Западен Балкан.

Според податоците објавени од Евростат, во 2015 година, нивото на цените, мерено според куповната моќ, изнесувало 48% од просекот на ЕУ. Во тој период, Албанија, заедно со Северна Македонија, имала најпристапни цени во целиот регион.

И покрај овие позитивни статистики од минатото, албанските медиуми известуваат дека за само една деценија, платите во земјата останаа најниски во регионот, додека трошоците за живот значително се зголемија.

Во 2024 година, ситуацијата е комплетно променета. Цените во Албанија сега достигнале 70% од просекот на ЕУ, што ја става на врвот на листата на најскапи земји во регионот. Со тоа, Албанија ги надминала Србија и Црна Гора, земји кои историски се сметаат за места со повисоки цени.

“Пред една деценија, цените во Албанија биле половина од просекот во ЕУ, додека во 2024 година две третини од просекот во ЕУ”, наведуваат медиумите.

Особено алармантно е што дури и цените на храната за првпат достигнале 101% од просекот на Европската Унија, што ја прави храната најскапа во регионот.

Евростат го користи индикаторот за ниво на цени во однос на просекот на ЕУ, базирајќи се на куповната моќ. “Овие статистики покажуваат колку се скапи цените во една земја во споредба со просекот на ЕУ, земајќи ја предвид куповната моќ, односно колку стоки и услуги реално можат да си дозволат со ист износ на пари”, објаснуваат медиумите.