„Алибаба“ размислува за изградба на логистички центар во Ниш

Градот Ниш во иднина би можел да стане нов логистички јазол на интернет гигантот „Алибаба“, најави градоначалникот на Ниш, Драгослав Павловиќ, по потпишувањето на Меморандум за разбирање со кинеската метропола Хангжу.

Овој документ отвора нова фаза на соработка меѓу двата града и се потпира на претходно потпишаното писмо за намера за зајакнување на „дигиталниот пат на свилата“, пишува eKapija.

Павловиќ додаде дека на состанокот станало збор и за доаѓањето на нови кинески компании во Ниш и југоисточна Србија, и дека ова е можност значително да се подобри нивото на надворешно-трговска размена и високотехнолошката и научната соработка.

„Да ја завршиме нашата работна зона на север и да им дадеме можност на кинеските компании да дојдат и да го постават своето седиште тука, бидејќи Србија и Кина имаат исклучителна соработка. Ова може да биде база на Кина. Кинеските компании работат тука. Хангжу е исто така седиште на кинескиот гигант Алибаба, а една од идеите е овој колос на светската интернет трговија да изгради логистички центар во Ниш“, рече Павловиќ.

Хангжу, градот од кој потекнува Алибаба, со години тесно соработува со Научно-технолошкиот парк во Ниш, кој кинеската делегација го посети по потпишувањето на Меморандумот. Покрај логистичкиот центар, планирани се и заеднички проекти во областите на науката, образованието и културата.

Претставникот на кинеската делегација, Ванг Жанксиао, истакна дека продлабочувањето на соработката со Ниш е од големо значење за Хангжу и дека постои искрена намера од двете страни значително да ги подобрат економските и технолошките врски.