
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, денес изјави дека земјата води преговори за зголемување на снабдувањето со природен гас со земјите од Европската Унија (ЕУ).
Тој на отворањето на 4-тиот Глобален медиумски форум во Шуша „Мисија на медиумите во промовирањето на мирот: Враќање на вистината и враќање на довербата“ изјави дека Азербејџан годинава го зголемил извозот на гас во Австрија и Германија, што е дел од стратегијата за зајакнување на своето присуство на европските и светските пазари, објавува азербејџанскиот портал „Рипорт“.
„Европскиот пазар е премиум пазар, таму има најдобри цени и, секако, ние сме заинтересирани да ги прошириме нашите капацитети таму. Да, веќе транспортираме гас преку цевководи во 16 земји. Во овој поглед, ние сме број еден во светот и тие капацитети ќе се прошират. Водиме и преговори со други членки на Европската Унија. Преговорите се во тек и во врска со почетокот на испораките и со зголемување на количините, а има и барања во овој поглед. Денес, Азербејџан е сигурен партнер, предвидлив извор и во споредба со пред 10 години, нашата улога е поважна“, рече Алиев.











