Алијанц: Германците штедат погрешно

31

Новиот извештај на осигурителната компанија Алијанц со седиште во Минхен заклучува дека многу Германци ги пропуштаат можностите за просперитет затоа што штедат на погрешен начин.
Имено, секој жител на Германија има во просек по 70.000 евра заштеда и недвижен имот со просечна вредност од 130.000 евра. Според Светската банка, Германија е трета по големина економија во светот, додека нејзините жители, според споменатиот извештај, се рангирани на 15-то место според богатството.

Економистите на Алијанц забележаа дека приватните финансиски извори значително се зголемија ширум светот во текот на изминатата година. Сепак, овие средства во Германија сега се значително помали отколку пред пандемијата на коронавирус.

Во извештајот се нагласува дека германските штедачи слабо инвестираат бидејќи заработуваат малку пари од своите заштеди. Оние кои ги користат своите заштеди за да купат хартии од вредност, како што се обврзници и акции, се ретки.

Истражувањето од 2021 година на Бундесбанк, која е централна банка на Германија, покажа дека граѓаните со ниски приходи најмногу штедат за да купат станбени недвижности, иако станбените недвижности се скапи. Сепак, оваа форма на штедење и штедење во банките со ниски каматни стапки се смета за солидна и безбедна.

Покрај тоа, истражувањата покажаа дека акциите сè уште не се популарни. Забележливо е дека оние со повисоки примања купуваат повеќе акции. Од друга страна, оние со помали примања најмногу ги користат заштедите за ненадејни трошоци.

За многумина најприфатливо е заштедите да се користат за купување недвижен имот, поради зголемувањето на вредноста на недвижностите, пишува tagesschau.