Италијанската национална авиокомпанија „Алиталија“ дефинитивно ги затвора своите операции на 15 октомври 2021 година, откако 75 години работеше како национална италијанска авиокомпанија.
Од 25 август, „Алиталија“ не продава билети за летови по 15 октомври, а сите претходно продадени летови закажани по тој датум се откажани, објави порталот thelocal.it.
Новоформираната државна компанија „Italia Transporto Aereo“ или ITA, ќе биде новата национална италијанска авиокомпанија.
„Алиталија“, членка на алијансата „Скај тим“, која ги вклучува и Делта ерлајнс, Ер Франс и КЛМ, имаше долгогодишни финансиски проблеми и прогласи банкрот во мај 2017 година.
Сите патници кои резервирале летови на „Алиталија“ за патување по 15 октомври, ќе можат да разменат билети за лет со друга авиокомпанија, и на домашни и на меѓународни линии, и доколку одлучат да ја сменат дестинацијата, ќе мора да ја платат разликата во цената.
Алтернативно, оние кои резервирале лет со „Алиталија“ после 15 октомври, можат да побараат целосен надомест на пари, пренесува Танјуг.
Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ проценува дека околу 255.000 луѓе резервирале билети со „Алиталија“ за летови по тој датум. Исто така, се додава дека владата во Рим издвоила 100 милиони евра (117 милиони долари) за исплата на надомест на патници кои сакаат да им бидат вратени парите.
Одборот на директори на новата национална авиокомпанија, ITA, во меѓувреме даде обврзувачка понуда да купи 52 авиони во сопственост на Алиталија, како и слотови на аеродромот и други средства.
Дебито на ITA на небото доаѓа во време на сериозна криза за воздухопловната индустрија предизвикана од пандемијата на коронавирусот, со особено големи превозници во неволја поради се пожестоката конкуренција од евтини авиокомпании.
ITA објави дека ќе го направи римскиот аеродром „Фиумичино“ главен меѓународен воздухопловен центар и дека миланскиот „Линате“ ќе стане втор по големина аеродром во земјата.
Нивниот прелиминарен бизнис план за 2021 година вклучува 61 рута до 45 различни дестинации, главно до други европски метрополи како Париз, Лондон, Амстердам и Брисел.
Летовите на долги релации ќе се фокусираат на главните аеродроми во САД и Јапонија, вклучувајќи ги Њујорк, Бостон, Мајами и Токио, пишува порталот thelocal.it.