Алкалоид донираше за лицата од подрачјата погодени од поплавите

21

alkaloid

Фармацевтската компанија Алкалоид донираше медицински средства, средства за хигиена, за чистење и дезинфекција, како и бебешки пелени за лицата погодени од поплавите.

“Првиот контингент е дистрибуиран до организацијата на Црвениот крст на град Скопје, а Управниот одбор на компанијата е во постојана комуникација со надлежните од оваа организација за испорака на следните контингенти согласно конкретните потреби на населението од погодените подрачја“, стои во соопштението.

Од компанијата изразуваат длабоко сочувство до семејствата на настраданите и искрено жалење за загубите направени од природната катастрофа што се случи на подрачјето на Скопје на шести овој месец.

Алкалоид, со своите донации доставени до регионалните претставништва на организацијата на Црвениот крст, помогна и при природните катастрофи кои во изминатите неколку години ги зафатија Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.