Алкалоид отвори нов Центар за контрола на квалитет

59

alkaloid

Нов Центар за контрола на квалитет на Алкалоид АД Скопје – Профитен центар Фармација денеска е пуштен во употреба. Станува збор за капитална инвестиција вредна над пет милиони евра, пишува Миа.

“Центарот за контрола на квалитет на лековите е опремен со високо софистицирана опрема од реномирани светски производители според најстрогите стандарди за добра производна пракса. Во Центарот за контрола на квалитет ќе работат над 100 високо стручни извршители за која квота во моментов има 26 нови вработувања. Вкупно 70% од вработените се со високо образование, а дел од нив се специјалисти и магистри по науки“, рече во обраќањето пред присутните генералниот директор и претседателот на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов.

Посочи дека со комплетирањето на оваа инвестиција Алкалоид ја потврди својата определба за производство на квалитетни, ценовно достапни, безбедни и ефикасни лекови кои преку нивната мрежа од 16 подружници и 4 претставништва надвор од Македонија се пласирани на пазарите во над 300 земји од светот.

“Сите над 1.600 вработени во компанијата ќе останат посветени на нашата цврста определба за врвен квалитет и совршенство во секој сегмент од работењето. На прагот од деветтата деценија од основањето на компанијата, во годината на нашиот осумдесет годишен јубилеј би посакал да останеме во победничка форма, да си посакаме уште многу идни успеси на компанијата“, додаде Мукаетов.

Директорката на Центарот за контрола на квалитет, Христина Бабуновска рече дека Центарот е технолошко аналитички капацитет, опфаќа површина од околу 3.000 метри квадратни и во него се изведуваат активности кои го покриваат работењето на Профитниот центар Фармација од влез на материјалите за производство до излез на готов фармацевтски производ.

“Се контролираат согласно актуелните стандарди и барања активните компоненти вградени во производите, помошните компоненти, контактната и секундарната амбалажа на лекот. Потоа се следи квалитетот на производот како меѓупроизвод до финален фармацевтски производ вклучувајќи ја и стабилноста на производите до нивниот деклариран рок на траење од хемиско – фармацевтски и микробиолошки аспект“, рече Бабуновска.